Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,80 % во однос на Одлуката од 29 март.
Малопродажните цени на бензините „ЕУРОСУПЕР БС-95“ и „ЕУРОСУПЕР БС-98“ се зголемуваат за 1 денар за литар, во однос на малопродажната цена утврдена со одлуката за утврдување на највисоки малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт од 29 март.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е В) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат, односно остануваат на исто ниво согласно одлуката од 29 март.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,353 ден/кг и ќе изнесува 34,779 ден/кг.
Според најновата одлука на Регулаторна Комисија од ноќеска од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
За Моторен бензин „ЕУРОСУПЕР БС“-95 цената ќе биде 67 денари за литар, Моторен бензин „ЕУРОСУПЕР БС“-98 ќе се продава по цена од 69 денари за литар.
Цената на Дизел горивото „ЕУРОДИЗЕЛ БС“ (Д-Е В) ќе изнесува 55 денари за литар. Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) ќе се продава по цена од 44,5 денари за литар и цената на „Мазутот“ М-1 НС ќе изнесува 34,779 денари за килограм.
Во изминатиот седумдневен период референтните цени на светските берзи во просек бележат зголемување кај бензинот за 2,193%, кај дизелот има намалување за 0,061%, кај екстра лесното масло намалувањето е во просек за 0,112% и кај мазутот има зголемување за 0,402%, информираат од Регулаторна.