Саудиското Министерство за трговија соопшти дека од оваа недела работодавците треба да бараат „работници“ наместо „слуга/слугинка“, објави „Нејшнел“.
Новата директива е дел од низата реформи на контроверзниот спонзорсски систем „кафала“, кој долго време управуваше со животот на мигрантите во кралството. Системот бара странските работници да бидат „спонзорирани“ од нивните работодавци, и беше критикуван од групите за човекови права затоа што им дозволува на работодавците да ги експлоатираат работниците и да го контролираат нивното движење.
Околу 10 милиони странски државјани работат во Саудиска Арабија. Околу 3,7 милиони се вработени како домашни помошници, работа која рутински е поврзана со злоупотреба во голем дел од Заливот.
Претходно годинава, една Саудијка беше осудена на смрт поради убиство на својата домашна помошничка од Бангладеш. Пресудата беше ретко признание за злоупотребата на мигрантските работници во кралството. Оттогаш, Ријад воведе голем број реформи во системот „кафала“.
Работниците-мигранти сега ќе можат да ги менуваат работните места по истекот на нивниот договор, без дозвола на нивниот работодавач. Исто така, од нив нема да се бара дозвола од нивниот работодавец за патување.
Сепак, системот не е целосно укинат, па работниците- мигранти сè уште остануваат врзани за нивните работодавци – или кафил – преку визите за работа и престој, оставајќи ги ранливи на злоупотреба, според групите за човекови права.
Саудиските власти во моментов проучуваат систем што би ги обештетил Саудијците ако домашниот помошник што го вработиле ненадејно и ненајавено им замине, се вели во неодамнешниот извештај.