Фото: Маја Јавеска Илиева

Префрлањето на одговорноста помеѓу општините и градските власти и невложувањето напори го оставаат главниот град без јавни тоалети

Во која било развиена метропола низ светот задолжително има јавни тоалети, но кај нас, за разлика од остатокот од светот, за жал, ги немаме. Јавни тоалети имало и во антиката и тоа кажува нешто за свеста на луѓето во тие заедници и општеството во кое живееле. Од друга страна, го имаме современо Скопје, кое можеби е единствениот град во Европа што нема функционални јавни тоалети. И тие неколку што ги има се со несоодветна инсталација, често затворени и нефункционални. Според Законот за комунални дејности, надлежни за одржување на јавните тоалети се општините. Но како што гледаме низ годините кога станува збор за јавните тоалети општините ја избегнуваат одговорноста и им ја префрлаат на градските власти. Од страна на градските власти се повикуваат на Законот за Град Скопје според кој јавните тоалети им припаѓаат на општините.

Јавен тоалет во Скопје   Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Во согласност со Законот за Град Скопје, со кој се прави разграничување во ингеренциите меѓу градот и општините во градот, јавните тоалети се во ингеренции на општините – велат од градот Скопје.

Префрлањето на одговорноста помеѓу општините и градските власти и невложувањето напори го оставаат главниот град без јавни тоалети. Од неколкуте јавни тоалети, кои некогаш се отворени, а некогаш се затворени, се шири ужасна миризба. Јавниот тоалет кај Градскиот парк шири непријатна миризба затоа што некои од граѓаните што кога имаат потреба ќе стигнат до него и ќе видат дека е затворен одлучуваат да извршат нужда пред него. Овој и јавните тоалети под мостот „Гоце Делчев“ треба да ги одржува јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, но како што забележуваат граѓаните тоа не се случува. Непријатна миризба исто така се шири и од јавниот тоалет во подрумот на Градски трговски центар, а вработените, постарите луѓе и минувачите мака си мачат доколку сакаат да го користат јавниот тоалет.

Галерија Тото, Нарита аеродром Јапонија

Во 2014 година имаше најавувања од поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, дека центарот на Скопје ќе добие модерни јавни тоалети. Се најавуваше поставување на тоалетите на плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“, кејот на Вардар и на други места во централното подрачје. Подоцна во 2016 година автоматизирани тоалети најавуваше и тогашниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ, но Скопјани не дочекаа да видат таков вид современи или каков било вид јавни тоалети. Единствениот вид тоалети на кои можеа граѓаните да наидат беа тоалетите „тоифор“, кои сега исто така не се толку застапени.

 

Во антички Рим постојат записи, но и остатоци дека уште во античкиот период имале развиен концепт за јавни тоалети. Исто така јавните тоалети почнале да се јавуваат во Париз, Берлин и во Лондон до 20 век. Според тоа имале и одредени стандарди по кои се граделе. Како на пример изградбата зависела од фреквенцијата на луѓето, па според тоа се граделе на помала или на поголема раздалеченост. Според процените од 2015 година, градот Скопје има околу осумстотини илјади жители и неколку илјади што поминуваат низ него.

Со толкава густина на настроението на едно место, Скопје пополека технички станува метропола, но, за жал, во реалноста не можеме да го наречеме. Една од причините е тоа што на толкаво население и луѓе што транзитираат низ градот нема еден соодветен јавен тоалет. Додека главниот град нема план за јавните тоалети, во современите градови тие добиваат друго значење.

Тие не се користат само за физиолошки потреби туку претставуваат естетски зданија и места каде што има бесплатен Интернет, полначи за телефон и други работи што би им го олесниле животот на луѓето. Креаторите на светските јавни тоалети сакајќи да го изразат своето стилско чувство оставаат впечатлива архитектурата, која дава еден аспект за културата и односот на една нација. На таков начин се добива еден убав состав од грижа за јавното здравје, хигиената, а се прикажува вниманието кон естетиката на сите оние што ги посетуваат нивните јавни тоалети. Очигледно нашиот град е далеку од овој начин на размислување, дотогаш граѓаните и сите оние што ќе сакаат да го посетат ќе треба да бараат алтернативни начини за извршување на своите физиолошки потреби.

Јавен тоалет во Швајцарија