Во летниот период секогаш се соочуваме со голем метеж затоа што повеќето од граѓаните тогаш аплицираат за патни исправи. Знаеме дека се доцни и се надминува дури и законски предвидениот рок, но навистина даваме максимум за да постигнеме да ги издадеме пасошите, информираат од Министерството за внатрешни работи
Доцни издавањето патни исправи. Граѓаните се жалат дека се надминува дури и законскиот рок од 15 дена. Социјалните мрежи се преполни со поплаки од граѓани, кои бараат познати меѓу членовите на групите на Фејсбук за да успеат да го добијат пасошот со врски, меѓутоа, и тоа тешко им оди затоа што метежот е навистина голем.
– Поднесов пред повеќе од две недели, а еве уште чекам да ми ги издадат пасошите за мене и за моето семејство. Не знам зошто толку се чека, но ако уште доцнат, нема да можам да заминам на уплатениот годишен одмор – вели Гордана Х.
И покрај тоа што во летните месеци секоја година вработените во Министерството за внатрешни работи во одделот за издавање патни исправи, имаат зголемен обем работа, сепак граѓаните оваа обврска ја оставаат последна, па кога им гори под нозете се обидуваат да најдат разни начини за да ги добијат пасошите навреме.
– Искрено си кажувам, барам врски, но и тие не можат да ми помогнат. Тоа е тоа. Ќе чекаме, па кога ќе излезат ќе излезат, друга опција немам – вели Христијан Т., од Скопје.
Некои од граѓаните велат дека уплатиле за да добијат пасоши по брза постапка, затоа што знаат дека има метеж, па по брза постапка веќе ги извадиле пасошите безболно.
– Ќе ми пропаднеше одморот за кој имав уплатено дури во јануари. Смешно е ама сосема изумивме дека на ќерка ми ѝ е истечен пасошот, па уплаќавме по брза постапка за да го добиеме навреме – вели Зорица Ф.
Со проблеми се соочуваат и Македонците што живеат надвор од државата, а кои дошле тука за да ги обноват документите.
– За една недела морам да заминам назад во Италија. Ако не го земам пасошот не знам што ќе правам. Летово дојдов за да го искористам одморот што го имав, да ги обновам документите што ми беа близу рокот на истекување, но сосема изумив дека можам да уплатам и по брза постапка. Сега чекам, ако не, ќе мора да барам некое решение – вели Јасмина, која со своето семејство веќе неколку години живее во Италија.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека имаат голем број апликации за пасоши и дека оттаму доаѓа доцнењето на издавањето.
– Во летниот период секогаш се соочуваме со голем метеж, затоа што повеќето од граѓаните тогаш аплицираат за патни исправи. Знаеме дека се доцни и се надминува дури и законски предвидениот рок, но навистина даваме максимум за да постигнеме да ги издадеме пасошите – информираат од Министерството за внатрешни работи.