Светската политика изминатиов период очигледно беше длабоко погодена од штетните влијанијата на корона-кризата. Гледано низ перспективата на тоа како функционираат државните и нејзините политичари, многубројни беа коруптивните скандали и аферите со набавка на вакцините и заштина опрема поради кои многу функционери мораа да се повлечат
Додека светот повеќе од една година се мачи да излезе од канџите на пандемијата на ковид-19, скандали со набавка на вакцини, заштитни маски и афери со вакцинирање преку ред во кои се вмешани високи функционери и политичари од глобалната сцена не престануваат да ја вознемируваат светската јавност. Имено, во расчекор од само неколку недели, европската јавност сериозно беше преплавена со информации околу коруптивни зделки на неколку европски политичари што сакале да остварат профит при склучувањето договори за јавни набави за маски за време на пандемијата. Токму аферата со заштитни маски стави крај на две политички кариери во Германија, и тоа на пратеникот на ЦДУ, Николас Лебел, и неговиот колега од ЦСУ, Георг Нислајн, кои поради сомневање за корупција поднесоа оставки на своите функционерски места и истапија од партиите.
– За да спречам натамошна штета за мојата партија, го враќам мојот мандат во Бундестагот – соопшти Лебел, додавајќи дека дава оставка веднаш. Како што јавува „Дојче веле“, Лебел признал дека учествувал во зделки со заштитни маски. Според германскиот медиум, неговата фирма „добила“ провизии од околу 250.000 евра за посредување на купопродажни договори за маски помеѓу доставувач од покраината Баден Виртемберг и две приватни претпријатија во Хајделберг и во Манхајм.
Оставки на функционери во Норвешка, Словачка…
Во меѓувреме друг скандал во Европа доаѓа од Норвешка, каде што неодамна се затресе дури и премиерското столче. Имено, премиерката Ерна Солберг е под истрага по откритијата дека таа и нејзиното семејство ги прекршиле рестрикциите на земјата поради пандемијата, соопшти тамошната полиција, а пренесе „Гардијан“. Солберг го собрала своето семејство во скијачкиот центар Геило за нејзиниот 60-ти роденден на крајот од февруари, прекршувајќи ги рестрикциите и препораките за ограничување на социјалните интеракции, па полицијата решила да почне истрага. Солберг во четвртокот вечерта во објава на нејзиниот профил на Фејсбук се извини за грешката, а таквата објава на Фејсбук предизвика силни реакции на социјалните мрежи, каде што некои повикаа дури и на нејзина оставка. Во овој контекст интересно е да се наведе и примерот од Словачка, каде што министерот за здравство Марек Крајчи најави дека се повлекува од функцијата во договор за да се реши политичката криза поради набавката на руската вакцина против коронавирусот, која стана закана за опстојувањето на словачката владина коалиција. Оставката на Крајчи беше побарана од две од четирите партии во владината коалиција на земјата, која е меѓу најтешко погодените во Европската Унија.
– Две партии во коалицијата ја направија мојата оставка услов за да останат во коалицијата. Во таква ситуација, мислам дека нема поента за расправа. Не сум залепен за столчето – истакна Крајчи. Тој беше критикуван за справувањето со пандемијата, а кризата беше предизвикана од таен договор за набавка на руската вакцина, организирана од страна на премиерот Игор Матович и покрај несогласувањето од неговите коалициски партнери.
Барања за консеквенции
Оставките и аферите за време на пандемија на политичарите и функционерите не се непознато нешто ни преку океанот, во Америка. Така, докторот Скот Атлас, специјален советник на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, по повеќе контроверзии за кои бил критикуван од јавноста даде оставка во декември од својата функција. Според пишувањата на тамошните медиуми, тој меѓу другото не се согласувал со повеќе членови на тимот одговорен за справување со пандемијата и бил против некои мерки воведени за спречување на ширењето на коронавирусот. Исто така, според „Си-ен-би-си“, Атлас посредувал со компании при набавка на заштитна опрема од ковид-19, што не е дозволено според надлежностите на неговата функција. Не е ништо поразлична состојбата и во Јужна Америка каде што според пишувањата на американските медиуми слободно може да се заклучи дека оставките на високи функционери поврзани со коронавирусот се најмногубројни.
Така, изминатиов месец Бразил го добива својот четврти министер за здравство од почетокот на пандемијата. Претседателот Жаир Болсонаро му ја доделил улогата на Марсело Кеирога, кардиолог, кој го заменил генералот Едуардо Пазуело, кој бил министер помалку од една година. Пазуело беше критикуван поради недостигот од вакцини против коронавирусот, а претходно бил дел од истрага за недостиг од кислород во болниците. Тој изјавил дека не побарал да си оди, туку тоа ќе го направи кога ќе одлучи претседателот, пренесува „Си-ен-ен“.