Руската амбасада во Софија побара да се прекине со шпекулациите за „наводната вклученост на Русија во разузнавачки активности против интересите на Бугарија“, откако бугарското обвинителство вчера соопшти дека се уапсени шест лица осомничени за шпионирање за Русија, пренесува „Дојче веле“.
Петмина од шесте уапсени се дел од бугарската армија, како што соопшти бугарското обвинителство, чии претставници додадоа дека истрагата е од исклучителна важност за националната безбедност на Бугарија, ЕУ, НАТО и на САД.
Меѓу уапсените е поранешен воен аташе, моментно задолжен за доверливи податоци во бугарскиот парламент. Приведен е и претставник на военото разузнавање во бугарското министерство за одбрана, за кој се смета дека бил водач на шпионската мрежа. Тој, наводно, бил обучуван од руското воено разузнавање за регрутација на „нелегална мрежа на агенти“ составена од лица кои имале пристап до доверливи информации за Бугарија, НАТО и за ЕУ.
Обвинителката Сијка Милева тврди дека неговата сопруга имала улога на посредник помеѓу разузнавачот и руската амбасада. Таа е обвинета за одавање на доверливи информации на вработен во руската амбасада, кој за возврат и давал пари.
Се верува дека водачот и членовите на шпионската мрежа се состанувале јавно, меѓу другите локации, и на тениски мечеви. Бугарското обвинителство како доказ приложи снимени телефонски разговори и видеоснимки од посети на руската амбасада.
Руската амбасада ги осуди обидите за „демонизација“ на Москва додека судот не изрече пресуда за случајот.
– Очекуваме дека шпекулациите за наводната вмешаност на Русија во разузнавачка активност против бугарските интереси да бидат запрени додека нема судска пресуда – се вели во соопштението на руската амбасада во Софија.
Ова не е првиот шпионски скандал помеѓу Бугарија и Русија во изминатите неколку години. Помеѓу октомври 2019 и крајот на минатата година, петмина руски дипломати и членови на персоналот на руската амбасада беа протерани од Бугарија.
Тензиите се случуваат во пресрет на парламентарните избори во Бугарија закажани за 4 април, на кои првпат ќе учествува отворено проруска партија.
Американскиот Стејт департмент исто така се огласи во врска со наводниот шпионски скандал. Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс посочи дека САД со внимание ја следат бугарската истрага за наводната руска шпионска мрежа.