Американскиот претседател Џо Бајден неочекувано се најде во судир на два фронта со Русија и со Кина. Разменети се навреди помеѓу Белата куќа и Кремљ додека еруптираше остра реторика и на првите големи преговори на претседателската администрација на САД со Кина, свикани поради новата политика на Бајден кон азиската сила, објавува Си-ен-ен.
– Денот исполнет со меѓународни препирки потврди дека односите на САД и Кина се на најниската точка по мисијата на поранешниот американски претседател Ричард Никсон за „отворање“ на Кина во 70-те години на минатиот век. Односите помеѓу САД и Русија, пак, се соочуваат со најголеми потешкотии уште од падот на Советскиот Сојуз – наведува „Си-ен-ен“.
Караницата со Русија ескалираше кога Бајден го нарече „убиец“ рускиот претседател Владимир Путин, а вчера имаше и невообичаена размена на американските и кинеските претставници пред медиумите, на меѓудржавната средба во Енкориџ, на Алјаска.
Американскиот секретар Антони Блинкер истакнал „длабока загриженост“ поради кинеското однесување, осудувајќи ја Кина за кршење на правилата кои го одржуваат светот под контрола. Советникот за национална безбедност Џејк Саливан ги бранел САД од кинеските критики, со што и самиот го критикувал кинеското владеење за време на средбата. На таквите забелешки реагирал кинескиот дипломат Јанг Џиечи прашувајќи „дали ова е начинот на кој сакавте да го водите овој дијалог?“.
– Земајќи ја предвид осетливата ситуација, обидот на новиот американски претседател да покаже сила на така отворен начин против два нуклеарни ривали може да се чини како непромислен. Но, Бајден реагира на стратешката промена која се случи откако тој беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама, која се обиде одново да ги почне односите со Русија, како и да го менаџира мирниот подем на економската сила која ја претставува Кина. Јасно е дека остриот говор на Бајден според која „Америка се врати“ има цел да го подрие заедничкиот став на Москва и на Пекинг кои сметаат оти САД се жестоко ослабени од активностите на Блискиот Исток во изминатите две децении, како и од внатрешните политички поделби и пандемијата – се заклучува во анализата на „Си-ен-ен“.