Дека довербата раѓа доверба се покажа како вистинито во нивниот случај. Но стратегијата заснована на доверба не беше единствената причина зошто тие успеаја да го елиминираат ковид-19. Фарските Острови го прогласија крајот на пандемијата на коронавирусот на 26 февруари, бидејќи немаа нови случаи на инфекција повеќе од три недели. Од јули 2020 година, групата острови во Северен Атлантик имаше три брана и секојпат бројот на случаи рапидно опаѓаше. Решението на данската автономна покраина за пандемијата беше со многу слична стратегијата како и другите земји: тестирање, следење на контактите, изолација, кампања за јавно здравје и реорганизација на здравствениот сектор. Премиерот на Фарските Острови, Бардур Стиг Нилсен, за „Гардијан“ објаснува дека верува дека нивниот пристап во справување сепак е единствен. За разлика од другите влади, тие одлучија многу рано да влијаат на своите граѓани давајќи препораки наместо да издаваат обврзувачки налози. Дека довербата раѓа доверба се покажа како практично и точно во нивниот случај.
Фарската влада беше убедена дека законското ограничување на однесувањето на граѓаните ќе резултира со полош исход отколку дадени препораки.
Но стратегијата заснована на доверба не беше единствената причина зошто тие успеаја да го елиминираат ковид-19. Нивното управување со пандемијата во текот на пролетта и летото беше уникатно заради ефикасноста на истражувачкиот капацитет. Фарските Острови лани имаа највисока стапка на тестирање по жител. Тие тестирале до два процента (или 1.000 луѓе) од вкупното население од 50.000 жители секој ден, а во јуни ги тестирале сите патници што дошле на архипелагот точно на аеродромот, препорачувајќи да бидат тестирани шест дена подоцна.
Производството на одгледуван лосос е најважната индустрија на Фарските Острови, а во минатото земјоделците имаа големи проблеми поради лососот, што предизвика индустриски пад. Ветеринарните клиники потоа ја изградија инфраструктурата потребна за брзо тестирање на лососот. Кога започна пандемијата, ветеринарите од Фарските Острови предложија нивните лаборатории да се приспособат на новонастанатата ситуација, така што луѓето во нив ќе можат да бидат тестирани за коронавирусот. Имаше соработка помеѓу приватните лаборатории и јавното здравство, така што Фарските Острови го зголемија нивниот капацитет за тестирање, а до август можеа да тестираат од пет до седум отсто од населението. Во комбинација со стратегија за следење контакт и изолација, тие успешно го потиснаа ширењето на коронавирусот.
– Нашата приказна за елиминирање на ковид-19 е приказна за генијалноста на поединци и организации што претходно не соработувале во пандемијата. Се разбира, други фактори играа улога. Географската положба на земјата е исто така важна, бидејќи морето и воздухот се единствените можни правци до Фарски Острови. Исто така, повеќето луѓе патуваат на работа со сопствени превозни средства, па затоа е малку веројатно дека инфекцијата се проширила во јавниот превоз – изјави премиерот.
Покрај тоа, населението на Фарските Острови е многу помало од другите земји, а нивото на доверба е високо.
– Истражувањето спроведено од Универзитетот на Фарските Острови во мај минатата година, покажува дека повеќето граѓани имаат голема доверба во Владата, премиерот, тамошните медиуми, нивната сопствена општина, шефот на полицијата, здравствените власти и експертите и нивните луѓе воопшто – додава премиерот. Довербата во политичките институции, медиумите и кај граѓаните ја прави поедноставна секоја форма на управување, вклучувајќи ја и пандемијата. Во помалите заедници, често има повеќе неформален надзор, а жителите имаат силно чувство на самодисциплина.
– Само тестирањето не е доволно. Тестирањето е успешно само ако се комбинира со мерки, како што се ефективно следење на контактот и изолација. Општо, успехот на стратегијата во борбата против ковид-19 зависи од географската локација и социјалните околности на таа земја – вели Нилсен.
На прашањето дали успешната стратегија против ковид-19 е резултат на среќа или компетентност, премиерот Нилсен одговорил: „По малку од двете“.