Радомировиот псалтир е кирилски литургиски псалтир со молитви од втората половина на 13 век. Ораториумот, како што појасни композиторот, бил замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“ пред 19 години
Воодушевена публика и овации добија македонските уметници што настапија во предворјето на црквата „Света Софија“ на фестивалот „Охридско лето“, со ораториумот Радомировиот псалтир од Димитрие Бужаровски. Солисти на вечерта беа врвните македонски сопранистки Весна Ѓиновска-Илкова и Славица Петровска-Галиќ, тенорот Благој Нацоски, басот Владимир Саздовски, кои настапија заедно со оркестарот и хорот на Македонската опера и балет и детскиот хор „Пиколо“, подготвен од Весна Димчевска. Ораториумот беше изведен под диригентската палка на Бисера Чадловска.
Освен публиката, задоволен од настанот на фестивалот „Охридско лето“ беше и композиторот на делото, Димитрие Бужаровски.
– Мислам дека беше извонредна изведба, и тоа, се разбира, од најреномираниот ансамбл, Македонската опера. Многу се вложија сите и се чувствуваше дека со задоволство го исполнуваа делото. Навистина сум горд што сите имаа можност да уживаат во еден семакедонски производ. Прво, текстот, кој е мошне значаен во македонската култура од 13 век, е последниот текст што е зачуван во старата кирилометодиевска традиција. Потоа јас како композитор, македонски ансамбл, македонски изведувачи, македонски хор… Тоа навистина ретко се случува кај нас и се надевам дека сите уживаа во концертот – вели композиторот Бужаровски.
Радомировиот псалтир е кирилски литургиски псалтир со молитви од втората половина на 13 век. Ораториумот, како што појасни композиторот, е замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“.
– Овој проект, во 1999 година, првобитно беше замислен и напишан токму за фестивалот „Охридско лето“. Оттогаш поминаа 19 години и многу ми е драго што конечно е изведен таму за каде што беше наменет – додава Бужаровски.
Учеството на Бужаровски на најголемата и најзначајната културна манифестација во Македонија, фестивалот „Охридско лето“, има континуитет, како композитор, пијанист, но и изведувач на синтисајзери. Во 1990 година на фестивалската сцена во предворјето на „Света Софија“ беше изведен и неговиот ораториум „Охрид“ од Македонската филхармонија и хорот на Факултетот за музичка уметност.
Димитрие Бужаровски е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси, во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број сонати и циклуси на соло-песни. Ораториумот Радомировиот псалтир е единственото македонско дело што било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција на американскиот универзитет „Луизијана“.