Искуството од истражувањата на јавното мислење во Македонија пред повеќе изборни циклуси покажува дека резултатите од нив, обично никогаш не се ни приближно блиски до крајниот исход по целиот изборен процес. Или, колоквијално кажано, анкетите обично не ја погодуваат целта. Според некои толкувања, анкетите обично се спроведуваат наменски, прашањата се поставуваат за постигнување одредена политичка цел на нарачателот, а еталонот од 1.000 испитаници во однос на избирачко тело од речиси 1.800.000 гласачи е далеку од релевантен
Темата за спогодбата од Мала Преспа со месеци веќе (и пред потпишувањето во Нивици и потоа) е главниот фокус во политичкото дејствување во Македонија, но и момент на историска одлука со која е соочена целокупната јавност. Всушност, јавноста, односно граѓаните на Р. Македонија за таа спогодба треба да се изјаснат на референдум, на 30 септември, но во контекст на прашањето – дали сте за влегување во сојуз со Европската Унија и НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција. Иако овие прашања подолг период ја преокупираат јавноста, а во меѓувреме имаше и силна динамика на случувања во контекст на спогодбата од Нивици, сепак, до пред два дена не беше спроведено испитување на јавното мислење, кое би дало одредени параметри за расположението и ставовите на јавноста во однос на овие очигледно горливо важни историски теми.
Резултати од првата анкета поврзана со референдумот се појавија пред два дена, спроведена од агенцијата „М-проспект“ во периодот од 24 јули до 1 август 2018 година, по нарачка на Македонскиот центар за меѓународна соработка. Според ова истражување на јавното мислење, на претстојниот референдум за поддршка или одбивање на договорот од Преспа, за членство во НАТО и ЕУ, за договорот би гласале 41,5 процент, а против 35,1 проценти, Притоа, 66,4 отсто од анкетираните изјавиле дека ќе излезат да гласаат на референдумот, додека 19,8 отсто се веќе определени да се придружат на иницијативите за бојкот на референдумот, а 11,9 проценти сѐ уште немаат одлучено. Исто така, според резултатите од испитувањето, кај Македонците поддршка би дале 27,4 проценти, додека против би биле 45,2 проценти, додека кај етничките Албанци „за“ би се изјасниле 88 проценти, а „против“ 2,2 проценти.
Во однос на партиската припадност, огромни контингенти симпатизери на најголемите две партии се во линија со партискиот став, така што 75 отсто од симпатизерите на СДСМ се „за“, а 68 отсто од симпатизерите на ДПМНЕ се „против“. Поголем исклучок се забележува кај владејачката партија, бидејќи 14,6 отсто од поддржувачите на СДСМ ќе гласаат „против“, а 4,7 отсто од приврзаниците на ДПМНЕ ќе гласаат „за“, со тоа што треба да се посочи дека 20 отсто од гласачите на ВМРО не одлучиле дали ќе бојкотираат или ќе гласаат. Наедно, анкетата покажува дека иако 84 отсто од испитаниците изјавуваат дека се запознаени со содржината на спогодбата, сепак, степенот на запознаеност со неговите одредби варира од нешто помалку од 20 отсто, кои сметаат дека се целосно запознаени, до 28 отсто, кои се само делумно или воопшто не се запознаени со спогодбата. Во однос на контролното прашање испитаниците да посочат како во спогодбата е дефинирана националноста (државјанството), само 17 отсто го навеле точниот одговор (Македонци/граѓани на Република Северна Македонија).
Но кога станува збор за анкетите, досегашните искуства говорат дека тие речиси никогаш не го погодиле вистинското расположение кај граѓаните и најчесто служеле само како алатка за политичка пропаганда. Овие показатели и претходни искуства на одреден начин ја доведуваат во прашање и релевантноста на анкетите, кои, сепак, се спроведуваат на мал број испитаници, што не е никаков показател.
– Резултатите од ова истражување на јавното мислење, генерално се во ред, од аспект на почетна перцепција во однос на мислењето на граѓаните за прашањата поврзани со претстојниот референдум. Ова е прво истражување и добро е за споредба во однос на другите анкети, кои, секако, ќе следуваат во претстојниот период како што ќе се засилува референдумската кампањата. Летниот период обично се избегнува за истражување на јавното мислење, со оглед дека е и период на годишни одмори, но факт е дека темата е многу одамна во јавноста и луѓето долго време се информирани и запознаени со главните аспекти на прашањето – вели Владимир Божиновски, политички аналитичар и координатор на Центарот за истражување на јавното мислење на ИПИС.
Од друга страна, искуството од истражувањата на јавното мислење во Македонија пред повеќе изборни циклуси покажува дека резултатите од нив, обично никогаш не се ни приближно блиски до крајниот исход по целиот изборен процес. Или, колоквијално кажано, анкетите обично не ја погодуваат целта. Според некои толкувања, анкетите обично се спроведуваат наменски, прашањата се поставуваат за постигнување одредена политичка цел на нарачателот, а еталонот од 1.000 испитаници во однос на избирачко тело од речиси 1.800.000 гласачи е далеку од релевантен.
– Очекувано е да има поместувања во расположението и ставовите во однос на референдумот, кога сериозно ќе почне кампањата на 10 септември, иако кампањата на социјалните мрежи веќе е разгорена. Клучно поместување на резултатите може да има во групата што се изјаснила дека ќе гласа против. Можно е таквата одлука „против“ да ја заменат со одлука за бојкот. Имено, владината кампања за референдумот е насочена за постигнување одзив, па ставот на премиерот дека ако не се излезе на референдумот, им се дава право на институциите да одлучат за граѓаните. Таквата позиција испраќа порака дека без разлика што ќе биде изгласано, одлуката е донесена. А тоа може да предизвика контраефект од она што го посакува Владата, односно наместо да се зголеми одзивот, оние што мислеле да гласаат „против“ да се одлучат за бојкот.
Сето тоа придонесува за намалување на цензусот. Притоа, референдумското прашање беше изгласано без консензус со опозицијата, а карактерот на референдумот е одредено да биде консултативен. Во таква ситуација, без постигнат цензус, се доведува во прашање легитимитетот на одлуката. Сето тоа се стапици што го поткопуваат референдумот, а во таква ситуација опозицијата и не мора никако да се изјасни пред референдумот – ниту да повика на бојкот, ниту на одзив и сѐ да препушти на одговорност на власта – смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.