Надлежните препорачуваат да не се раздава храна на гробиштата и да нема големи групирања за време на одбележувањето на верскиот празник Задушница. Комисијата за заразни болести ќе ги следи состојбите и доколку не се почитуваат мерките, можно е да донесе нови и поригорозни
Православните верници утре и задутре го одбележуваат верскиот празник Задушница, како чин на достојно оддавање почит за мир и спокој на душите на починатите членови на семејствата. Во помалите места и градови ритуали со раздавање храна за Задушница се прават на големо со присуство на што повеќе роднини и блиски пријатели на гробните места. Како може да се одразат ваквите групирања во актуелните услови со секојдневно високи бројки на новозаразени со ковид-19 и какви евентуални мерки се планираат за Задушница.
Комисијата за заразни болести денес треба да заседава и засега не најавува донесување поригорозни мерки.
– Правилата остануваат исти и за Задушница, тоа се тие златни правила, носење маски и дистанца. Комисијата за заразни болести ќе ги следи состојбите и ако не се почитуваат мерките, како комисија ќе бидеме принудени да донесеме нови и поригорозни мерки – вели доцент д-р Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје.
Здравствените работници и претходно алармираа дека Македонија е влезена во нов бран на ширење на заразата, пред сѐ, поради мутациите на вирусот, но и поради непочитувањето на пропишаните мерки. Министерот за здравство Венко Филипче не ја исклучи можноста дека и во земјава ќе се воведат поостри мерки, но, според него, засега нема индиции за такво нешто.
Во отсуство на поригорозни мерки, кои можеби подоцна ќе го донесе Комисијата за заразни болести, на самите граѓани и на нивната совест останува да внимаваат како се однесуваат и како ќе постапуваат. Докторите немаат друга препорака, освен примена на веќе утврдените мерки.
– Главно опасност се, секако, автобусите од јавниот градски превоз, ако во нив патниците не ги почитуваат мерките. Но бидејќи граѓаните ќе бидат на отворено и ако е ветровито надвор ќе го однесе вирусот. Но додека работат кафеани и казина, тогаш сѐ друго е споредно, така и собирањето за Задушница. Ако веќе се прават мерки тогаш и треба да се почитуваат. Оние што веќе решиле да одат на гробишта ништо друго не им преостанува освен да се придржуваат кон мерките, маска и дистанца, да избегнуваат јавен превоз, ако се во можност да одат со свое возило, но мој совет е да не одат – вели микробиологот д-р Никола Пановски.
И неговиот колега, епидемиологот Александар Стојанов, смета дека не треба да има групирања и дека треба да учиме од туѓите примери.
– Во Србија и покрај најголемиот опфат на вакцинација, има најмногу новозаразени. Мора да ги почитуваме мерките, независно дали е Задушница, Маврово или Шапка, дали се свадби. Од друга страна, четворица седат на маса, без маски, а надвор ќе казнат некој што не носи. Сѐ е до нас самите. Кафеаните се пуштија од економски причини, а на гробишта и не мора да се оди. Дали ќе биде групирање во кафеана или крштевка сепак е групирање. Но ако веќе решиле да одат, нека одат со сопствено возило, нека запалат свеќа и нека си одат. Најдобро е да не одат, можат да запалат свеќа во црква и во некој друг ден кога нема метежи и во црквите – смета д-р Стојанов.
Епидемиолозите и претходно акцентираа дека автобусите во јавниот превоз се главните жаришта на пренесување на заразата доколку не се почитуваат мерките, а сега за Задушница тие ќе бидат преполни. ЈСП веќе излезе со соопштение за зголемен број автобуси и со распоред на нивно сообраќање по линии.
– Информираме дека поради верскиот празник Задушница денеска, петок, и утре, сабота, на линиите 59 (Карпош 3 – Кучевишка Бара – гробишта „Бутел“), 59 А (Ново Лисиче – гробишта „Бутел“) и 59 Б (Кисела Вода – гробишта „Бутел“) ќе сообраќаат дополнителен број автобуси – велат од ЈСП.
Од АД „Бутел“ кажуваат дека како и секоја Задушница пријавиле веќе во полициските станици во Бутел, Гази Баба и Ѓорче Петров да ги преземат сите соодветни мерки.
– Сообраќајната полиција ќе го регулира сообраќајот секаде на влезовите кон градските гробишта. Курсот на движење ќе го контролира полицијата, а нашето обезбедување ќе биде низ гробиштата и ќе контролира.
Ќе ги опоменува оние што нема да ги почитуваат мерките. Ние немаме надлежност да им кажеме на присутните на гробните места да не раздаваат храна – објаснија од АД градски гробишта „Бутел“.
Низ гробиштата ќе се движат и свештеници што ќе им бидат на располагање на оние граѓани што ќе сакаат да ги повикаат да одржат молитва за нивниот починат.
– МПЦ цело време повикува на почитување на мерките и сега за Задушница порачуваме да нема многу собирања на гробовите, двајца до тројца најблиски од семејствата колку да се одбележи и да не се раздава храна, да се носат само леб, пченица и вино. Секако, присутните да носат маски – порачаа од МПЦ.