Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, денес објави дека Израел, Австрија и Данска ќе формираат заедничка основа за истражување, развој и евентуално производство на вакцини против ковид-19.
– Ќе формираме заедничка фондација за истражување и развој и ќе разговараме за можноста за заеднички инвестиции во капацитети за производство на вакцини – рече Нетанјаху на прес-конференција со данскиот премиер и австрискиот канцелар.
Австрија и Данска имаат спор со Европската Унија за доцнењето во набавката на вакцините, а владее и загриженост дека ќе бидат потребни нови вакцини за новите видови коронавирусот.
Нетанјаху објави дека 90 проценти од Израелците примиле барем една доза вакцина или го прележале вирусот.
Така, неговата земја стана лидер во вакцинацијата во светот, што ќе му користи на израелскиот лидер во кампањата пред парламентарните избори на 23 март, четврти избори за помалку од две години.