Македонскиот олимписки комитет донираше спортска опрема за потребите на основното општинско училиште „Аврам Писевски“, во пресрет на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир, кој е на 6 април. Училиштето „Аврам Писевски“, кое се наоѓа во скопската населба Бардовци, всушност со донацијата го збогати својот фонд со реквизити со повеќе топки за фудбал, ракомет, кошарка и одбојка. Исто така, основното училиште се опреми и со нови мрежи за обрачите на кошевите и головите, како и дополнителна спортска опрема за нормално одвивање на тренажниот процес и за да се обезбедат побезбедни услови за следење на наставата по физичко воспитание и образование, во училишната спортска сала и во соблекувалните се заменети и дел од вратите.На настанот во училишниот двор на општинското училиште присуствуваа голем број спортски работници, наставници по физичко образование и воспитание, претставници од Македонскиот олимписки комитет и градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев.
Градоначалникот Богоев истакна дека општината Карпош е фокусирана на развој на спортот на училишно ниво и како доказ за тоа ги посочи успешните училишни спортски лиги во оваа општина. Директорката на училиштето „Аврам Писевски“, Матилда Бајкова, исто така се обрати на настанот и ја истакна заложбата на оваа установа да ги вклучува учениците во голем број вонучилишни активности, кои само може да ја развијат креативноста кај младите луѓе. Од општината Карпош ветија дека ќе продолжат да негуваат партнерски односи со институциите, организациите и спортските работници, за да се реализираат заедничките цели од оваа област.