ЈУБИЛЕИ – Со презентација на видеомонографија
Со видеомонографија, во која се опфатени најважните случувања до сега, беа одбележани 60 години од почетокот со работа на ОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево. Учениците, нивните наставници и учители и сите заинтересирани можеа да ја проследат видеомонографијата во два термина на социјалната мрежа Фејсбук.
Директорот Андрески подвлече дека училиштето славеник е дел и од пет проекти „Еразмус+“, со партнер држави од Германија, Франција, Италија, Полска и од Хрватска. Преку овие проекти се разменуваат добри практики и искуства со училишта од тие држави. Наставниците се надградуваат бидејќи осознаваат различни образовни системи и методи на работа, заврши Андрески.
Инаку, во ова училиште во овие шест децении продефилирале над 8.000 ученици и над 200 учители и наставници. Училиштето се гордее со големиот број интелектуалци од сите профили што дале неизмерен придонес во развојот на земјата, а не е мал бројот на оние од нив што своите високи вредности ги потврдиле и во странство.
Дека училиштето се труди да биде во чекор со новото време, доказ е најмодерната едукативна програма што се применува.
– Следејќи ги современите текови во наставата можеме да се пофалиме дека сме едно од малобројните училишта во земјава каде што во секоја училница има интерактивна табла. Во моментов располагаме со 17 интерактивни табли, од кои 16 се користат во наставата, а една се користи во нашата библиотека и служи за презентации, семинари, работилници и друг вид настава. Ќе потсетам дека една од овие табли ја освои нашата наставничка по математика Кети Наумоска, која беше прогласена за најдобар наставник во Македонија што користи отворени образовни ресурси – изјави директорот Андрески.
Во овие интерактивни табли е вграден посебен едукативен софтвер приспособен на сите наставни предмети. Располага со презентации, видеа, 2Д и 3Д-модели приспособени за наставата по природните предмети, интерактивни мапи.
– Ние како современо училиште располагаме и со други софтверски ресурси што нашите наставници ги користат во секојдневната работа – истакна директорот Драган Андрески.