Нови книги: „Мариовски сказни – Пејови приказни“ од Васил Мукаетов

Итар Пејо е еден од најпознатите ликови во македонските народни приказни, кој е многу омилен меѓу младите читатели. Некаде познат и како Итроман Пејо или Итар Пејо-Мариоец, тој е обичен сиромашен македонски селанец од Мариово што се одликува со извонредна итрина, снаодливост и наедно е претставник на македонската шегобијна мудрост.
Во приказните за него тој секогаш на итар начин им се оддолжува на тие што сакаат да му наштетат (обично турските големци), а неговите постапки често изнудуваат смеа и почит кај читателите. Нема историски потврди за неговото постоење и веројатно се појавил како противтежа на османлискиот итроманец и шегаџија Насрадин-оџа во духовниот отпор на македонскиот народ против османлиското угнетување. Според некои кажувања, личноста Итар Пејо навистина постоела и била од мариовското село Градешница. Во многу македонски народни приказни со шеговити или сатирични мотиви и фабули, тој редовно го надмудрува токму него. Итар Пејо често ги насамарува и лакомите селски попови, но и своите соселани.
Шеговитите приказни за Итар Пејо се дел од нашето богато културно наследство, а зачувани и собрани се од нашите познати истражувачи на македонската усна традиција, Марко Цепенков и Кузман Шапкарев.
Исто така постојат голем број прозни и поетски записи во кои како главен јунак се појавува Итар Пејо, а бил честа тема и на нашите хумористи и карикатуристи. Во 1977 година, МРТ снимила ТВ-серија, по сценариото на Миле Неделковски, а во режија на Коле Ангеловски. За Итар Пејо постојат над триесетина приказни што најпрвин ги има собрано писателот Стале Попов во збирката „Итар Пејо“. Во 1966 година, Славко Јаневски ја објавил поетската збирка „Евангелие по Итар Пејо“, во која се наоѓаат и песните „Итар Пејо за еден друг“ и „Световрашка“.
Најновата книга за Итар Пејо ја напиша писателот Васил Мукаетов и таа е насловена „Мариовски сказни – Пејови приказни“, а ја издаде „Арс ламина“.
За ова свое дело авторот вели:
„Секој народ има свој јунак над јунаци – симбол на неговата традиција, историско опстојување, мудроста и животниот оптимизам. Итар Пејо е длабоко втемелен во колективното паметење на македонскиот народ. Зборот, времето и просторот го формираат Пејо како карактеристичен народен лик. Тој е неуморен, непоколеблив борец против домашните и туѓите господари за поправичен човечки живот, за негова чест и достоинство“.
И во книгата на Мукаетов, Пејо со своето неуморно магаре патува во својот свет, надитрува, надмудрува, објаснува легенди, исправа неправди…
– Во оваа книга се обидов приказните за Итар Пејо да ги претставам во стихови. Настојував да се зачуваат нивната изборност и оригиналност, за да ги доближам популарните народни усни кажувања до младите читатели.
Па затоа ајде да ја земе книгата в раце, по Мариово да проскитаме, за Итар Пејо по нешто да прочитаме – порачува Мукаетов.

Чиј е зелникот?

Насрадин-оџа и Итар Пејо
често по селата шетале
се надмудрувале
се надлажувале.

Кој кого надитрува?
И селаните се прашувале.

Гостувале по куќите
ги пречекувале.
Неделна вечера – зелник.
Гостите рекле:
– Ќе го оставиме за понеделник.

Тројцата се сложиле
се обложиле:
Кој вечерва,
најлош сон ќе виде,
зелникот негов да биде.

Едно станување – надмудрување.
– Се возев во гемија.
Почна оџата:
Ме фати бура,
ме проголта водата.
Помошнику, што сонуваше?
Орел ме грабнуваше.
Како да се бранам
парчиња станав!

Се чека Пејо, вели:
– Јас што ќе кажам,
нема да лажам.
Кога видов
оџата како се дави,
помошникот го снема и не се јави…
Остана зелникот цел.
Јас си го изедов,
на раат. Дел по дел.

Ни било ни се видело
ни во Прилеп, ни во Мариово:
Каде е овде правдината?
Пејо да спечали
а да ја кажува вистината!

Казан што раѓа
котлиња

Од нашиве мариовски села
и ова светот нека го види.
За лакомите, за алчните
што поука ова ќе биде?

Вакво нешто
од горниот да не паѓа?
Казан котле да раѓа!

Еве нешто поминато
преку Пејовата глава
растркалана слава!

Пејо, позајмил казан
од соседот чорбаџија.
Направен во Прилеп
од мајстор казанџија.

Во селска куќа казан се бара,
ракија, зимници се варат.

Еве ја бељата права
на Пејо казанот не му се враќа,
не му се дава.

По некој месец Пејо
со соседот муабет води:
– Повели, чорбаџи.
Казанот твој котленце роди.
Погодена цел,
овој си го зел.

Дури рекол – за атар
нека отиде кај другиот бакар.

Не протекоа многу води
казанот ново котле роди.

И овој пат
отиде кај својот брат.
Подновена сликата,
се израдува и чорбаџиката!
Ама наместо котле трето
Се преврти светот!

Казанот испушти душа.
– Бре, како. Што тоа слушам?
Вака ли казан се краде,
невиден ќотек ќе јадеш!

Пејо објаснува:
– Како казанот можеше
раѓа
котле од небо да паѓа?
Е сега му беше време
Господ да си го земе.

Така е и со секој жив,
што сум јас тука крив?

Лакомиот има зошто да жали.
Дал еден казан,
за две котлиња мали.

(Од книгата „Мариовски сказни – Пејови приказни“)


Фото: Маја Јаневска-Илиева

За авторот

Писателот Васил Мукаетов со своите читатели другарува уште од 1960-тите години, на страниците на списанијата: „Титов пионер“, „Другарче“, „Нова Македонија“ – „Колибри“, сѐ до денешните „Развигор“ и „Другарче“.
Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование, а член е на Друштвото на писателите на Македонија.
Добитник е на наградата на ДПМ – „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни прескокни“.
Автор е на десетина книги за деца: „Ти реков ми рече“, „Ние дома“, „Поглед со двоглед“, „Што е, што не е “, „Ај погоди“, „Да нацртаме другар“, „По зелени раеви-слезови и чаеви“, „Децата можат сѐ“, „Скокни прескокни“ – второ лектирно издание, „Ние по тротоари по булевари“, „Од згода до згода заграб бистра вода“… и други.