Необична интерактивна изложба организирана од учениците од средното уметничко училиште,,Лазар Личеновски“, инспирирана од последиците од пандемијата, е отворена во галеријата „Ко-ра“ и ќе трае до 4 март. Предвидена е седумдневна програма, која опфаќа буквално секаков вид уметност, со намера меѓу младите да се предизвика колективна рефлексија на последиците од моменталната ситуација со пандемијата, но и да се разбуди креативната уметничка свест.
– Во рамките на ова, освен визуелната уметност, литературата и музиката, своето несомнено место го наоѓа дури и театарот, кој упорно рие кон својата преродба заробен во „подземјето“ – велат организаторите на изложбата.
Покрај главниот настан, изложбата нуди богата уметничка програма од интерактивен карактер, која започна со настапот на Никола Јовановиќ, со неговиот сатиричен монолог. Денеска програмата продолжува со „Ноќ на трагикомедијата“ на која ќе настапат: Христина Пентиева со драмски монолог насловен „Анка и Дигиталка“ во 18 часот и Емануела Ковачевска Китановска со својот драмски монолог „Без наслов“ во 20 часот. В недела ќе се одржи ноќ на поетско читање со почеток во 18 часот. На настанот ќе учествуваат поетите: Светла Јакшиќ, Софија Тодороска, Диме Данов, Лиле Стефановска, Горазд Китановски и Исток Улчар. Читањето ќе се одвива во три круга.
В понеделник и во вторник изложбата ќе биде отворена за посета, а в среда програмата продолжува со настап на „Поетри слем Маседониа“ на кој изведувачи се: Игор Трпчески, Ива Дамјановски, Ана Голејшка Џикова, Горазд, Кени Китановски и Емануела Ковачевска Китановска.