Во осминафиналето се вкупно осум клуба што досега освојувале трофеи од најголемите три купа во организација на УЕФА
ФУДБАЛ – ЖДРЕПКА ЗА ОСМИНАФИНАЛЕТО НА ЛИГА ЕВРОПА
Динамо Загреб на македонските репрезентативци Аријан Адеми и Стефан Ристовски ќе се сретне со Тотенхем, а Манчестер јунајтед – Милан е дербито на осминафиналето на Лига Европа (ЛЕ), откако тоа е дуел на два некогашни европски фудбалски прваци (Милан седум титули, Манчестер јунајтед три). Другите двојки се Ајакс – Јанг бојс, Динамо Киев – Вилјареал, Рома – Шахтар, Олимпијакос – Арсенал, Славија – Глазгов ренџерс и Гранада – Молде.
Во осминафиналето се осум клуба што досега освојувале трофеи во најголемите три купа во организација на Европската фудбалска унија (УЕФА). Од некогашните европски прваци тоа е и Ајакс, победници на ЛЕ се Ајакс, Манчестер јунајтед, Тотенхем и Шахтар, а триумфи во некогашниот Куп на победниците на куповите имаат Милан, Ајакс, Тотенхем, Манчестер јунајтед, Глазгов ренџерс, Динамо Киев и Арсенал.
Меѓу 16-те најдобри екипи во Лига Европа сезонава се пласираа неколку тима што во натпреварувањето влегоа низ квалификациите (некои и од квалификациите за Лигата на шампионите), а Молде уште од првото квалификациско коло и поради тоа сезонава одигра најмногу европски средби, 13. Меѓу осминафиналистите Гранада е единствен дебитант во натпреварувањето.
Првите мечеви од осминафиналето се на 11 март, а реваншите се предвидени за 18 март.