Металург не успеа да оствари поволен резултат на гостувањето во Виена кај австрискиот првак Фиверс 30-45, во вечерашниот меч од 9-то коло во Лигата на Европа (ЛЕ), и покрај извонредниот настап на Милан Поповиќ кој постигна 11 гола од 13 упатени удари.
Екипата од Автокоманда и вечерва настапи во некомплетен состав по позитивни случаи на коронавирусот и повреди, што домаќинот го искористи. Австрискиот првак на полувреме имаше предност од 22-13 и практично го реши натпреварот.
Покрај расположениот Поповиќ, Мице Шилегов постигна пет, а Мартин Серафимов четири погодоци за Металург, додека кај Фиверс најпрецизни беа Давид Брандфелнер со седум гола и Ерик Дамбек и Лукас Хутечек со по шест реализирани удари.
Македонскиот претставник има едно реми во осумте одиграни средби во континенталното натпреварување, токму против Фиверс во Скопје, додека Австријците остварија учинок од две победи, две нерешени и пет порази. Металург ќе биде домаќин шпански Адемар на 2 март, во следниот дуел од ЛЕ.