Петтособен стан сместен во елитна област Хонгконг, на ридот Мид-Левелс, е купен за 459,4 милиони хонгконшки долари. Иако Хонгконг минува низ најтешката рецесија во последните неколку години, неговиот пазар на недвижности сè уште цвета. Имено, тукушто е продаден нов стан од 313 квадратни метри за 49 милиони евра, што е рекордна цена од 156.000 евра за квадратен метар, објавија локалните медиуми. Продадениот петтособниот стан, лоциран во елитната област Хонгконг, на ридот Мид-Левелс, не е рекорд кога станува збор за недвижности во овој посебен административен регион на Кина.
Но неговата цена по квадратен метар е без преседан и ги одразува разликите во богатството во поранешната британска колонија. По повеќемесечни протести во текот на 2019 година, економијата во Хонгконг ја чувствува целата тежина на ефектите од пандемијата и затворањето на границите. БДП на овој полуавтономен регион на Кина падна за рекордни 6,1 проценти во 2020 година, а стапката на невработеност во моментов е 6,6 проценти, највисока во последните 16 години.
Хонгконг без сомнение е град на неверојатни контрасти. Од една страна, на неговите улици може да се забележи концентрација на екстравагантни луксузни автомобили, а од друга страна огромен број стари лица што собираат остатоци од картон за да ги однесат за рециклирање и да заработуваат малку пари, само за преживување. Но оваа продажба се обидува да потврди дека пребогатиот Хонгконг не поминува низ криза. Цената за квадратните метри што ја платил непознат купувач за овој имот, лоциран на 21 Борет роуд, за сосема нов стан, го урна рекордот од 2017 година.