Во туристичките агенции, нагласувајќи дека веќе има интерес за осмомартовските патувања, но и за летните аранжмани, објаснуваат дека патувањата ги организираат според сите важечки мерки и протоколи за заштита од коронавирусот. Здравствените власти, пак, се воздржани во однос на оцените за безбедноста на таквите патувања и апелираат на крајна внимателност
Понуди за осмомартовски патувања по примамливи цени се огласуваат на социјалните мрежи од страна на туристичките агенции и покрај пандемијата на коронавирусот. По мошне прифатливи цени за овдешниот стандард, се нудат дестинации главно во соседните држави, кои за влез на нивната територија не бараат ПЦР-тестови или, пак, се очекува дека веќе наредниот месец нема да ги бараат, од што произлегува прашањето за безбедноста на таквите патувања, со оглед на тоа дека епидемиолошката состојба, особено по појавата на новите соеви на коронавирусот, секојдневно се менува.
– За оние што ќе се решат да патуваат со нас, задолжително е патничко осигурување во кое треба да е вклучен и ковид-19. Во текот на патувањето, секако, се користат заштитни средства за раце, а во согласност со протоколите, задолжителни се одржувањето дистанца и носењето маска, и тоа важи како за патниците, така и за возачите. Се дезинфицираат внатрешноста на автобусот и воздухот – велат во една од скопските туристички агенции, истакнувајќи дека, притоа, и понатаму се соочени со проблемот на неизвесноста дали ќе се отворат границите во некои земји, дали ќе се патува, дали ќе се бара да бидат вакцинирани, што ги става луѓето во недоумица при носењето одлуки дали да патуваат.
Истата практика ја потврдуваат и во други туристички агенции, очекувајќи ги и првите уплати.
– Веќе нудиме нешто од аранжмани што ги направивме за Осми март, Меѓународниот ден на жената, а за заштита на клиентите ги применуваме сите мерки и протоколи. Како што е пропишано, исполнетоста на автобусите мора да биде 50 отсто од вкупниот капацитет на пополнетост, се врши дезинфекција со „дезинтал“ на рачките, седиштата и на целата внатрешност на автобусот, се врши дезинфекција на рацете и задолжително е носење маски – објаснуваат во уште една од агенциите.
Почнувањето на вакцинацијата во земјава на многумина им влева надеж дека летово можеби ќе може и да се летува на море, а некои од тие оптимисти не само што се интересирале за летувања туку во некои од туристичките агенции веќе извршиле уплати и резервации за своите летни годишни одмори да ги поминат во некои од познатите летувалишта. Од туристичките агенции велат дека од понудите за летување засега ги имаат само Грција и Турција, но подоцна, во зависност од тоа како ќе се одвиваат настаните во врска со пандемијата, веројатно ќе се зголемува и туристичката понуда и ќе има различни аранжмани, со вклучување и различни дестинации.
Здравствените власти, пак, се воздржани во однос на прогнозите и апелираат на крајна внимателност при туристичките патувања.
– Барем досега не сме дојдени во ситуација да ги олабавиме мерките. Поминавме верски празници со мерки во интерес на заштита на нашето здравје. Погледнете што прави Германија, имате полициски час во Албанија, никој не е толку опуштен како ние. Туристичките агенции и оние што патуваат треба да ги почитуваат протоколите, бидејќи секое групирање носи опасност од заразување.
Мерките се познати: носење заштитна маска, дезинфекција и дистанца. Сѐ уште не смееме да се опуштиме, ги чекаме вакцините и не треба да заборавиме на тоа дека во октомври минатата година дневно од ковид ни умираа по 40 лица – вели Шабан Мемети, директорот на Институтот за јавно здравје.
Оттаму и препораките се јасни за сите што ќе решат да бидат дел од некое осмомартовско патување, строго да внимаваат како се однесуваат таму каде што ќе отидат, бидејќи заразувањето со коронавирусот најпрвин ќе им наштети ним и на нивните семејства.