Замрзнатите амстердамски канали станаа шармантни лизгалишта
Студениот бран што ја зафати Европа овие недели истовремено ја буди желбата пролетта да се појави што е можно поскоро, но исто така ни дава можност да уживаме во толку посакуваните зимски радости и да останеме надвор од домовите во кои сме затворени поголемиот дел од зимата.
Холанѓаните, поточно жителите на Амстердам, уште еднаш го привлекоа вниманието на светот со своите шармантни лизгалишта – замрзнатите канали на градот. Најголемата толпа беше создадена на површината на историскиот канал Принсенграхт со голем број авантуристи што сакаа да пробаат како е да лизгаат низ центарот на градот.
Последен пат ваквата можност имаше во 2018 година и предизвика возбуда кај лизгачите што можеа да се испробаат во оваа омилена зимска активност, особено во време кога повеќето содржини во европските градови се недостапни поради пандемијата на коронавирусот.
Некои само прошетаа низ ледените канали, а други дури играа хокеј – но поради опасноста преголемиот број лизгачи да предизвикаат пукнатини на мразот сите мораа да се повлечат заради безбедност. За среќа, други локации, како што се замрзнатите езера во областа, останаа опција за љубителите на овој зимски спорт.