„Фантазија“ е насловен рециталот на бугарскиот пијанист Евгениј Генчев, кој во вторник на 23 февруари, во 20 часот ќе настапи во Камерната сала на Филхармонија. На програмата се дела од елегичниот Албинони и романтичните Шопен и Лист.
Бугарскиот пијанист Евгениј Генчев настапува во Европа, Северна Америка, Азија и Австралија, и е добитник на повеќе од педесеттина национални и интернационални награди на натпревари за пијано. Неговите изведби биле пренесувани и на телевизиски програмки како „РТЛ“, „АРД“, „ЗДФ“, „Дојче веле“ и др. Исто така настапувал и на телевизиското шоу на Хајди Клум – „Топ модел“, на фестивалот „ПаРус“во Дубаи заедно со Лука Шулиќ и Филип Киркоров…
Генчев настапувал во многу концертни сцени во светов – „Кофман центар“ во Њујорк, во Филхармонијата во Минхен, „Алтре Опер“ во Фракфурт, „Бриџвотер хол“ во Манчестер, „Мерцедес арена“ во Берлин, Центарот на национални уметности во Мексико сити, Филхармониската сала „Глинка“ во Санкт Петербург, Националниот центар за изведувачки уметности во Пекинг…
Последнава сезона настапуваше со Филхармонискиот оркестар во Мексико Сити, со Полската филхармонија „Фредерик Шопен“ во Гданск, со Филхармонискиот оркестар ЛИСМА во Њујорк, со Симфонискиот оркестар во Пловдив, соработувајќи со диригенти како Максимилијано Калди, Аркади Лејтуш, Језус Месина, Жан -Паскал Тортелие…
Евегениј Генчев е роден во Бугарија, а пијано учел во Националното училиште за музика и танц „Добрин Петков“ во Пловдив. Својата едукација ја продолжува на Кралската академија во Лондон и на Интернационалната пијано академија „Incontri col Maestro“ во Имола, Италија. Исто така ја има завршено и програмата за „уметничка диплома“ на училиштето за музика и драма „Гилдхол“во Лондон.