Значајно е опаднат бројот на барања за азил со потекло од Македонија во земјите на Европската Унија, во последните шест месеци, покажуваат податоците на Европската Канцеларија за поддршка на азил (ЕАСО).
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, во јануари 480 македонски државјани побарале азил во Европа, во јуни оваа бројка паднала на 276.
Во меѓувреме, барањата за азил по месец се следните: февруари – 372, март – 467, април – 392 и мај – 319.
Канцеларијата не коментира за основите, ниту причините поради кои лицата бараат азил, но информира дека во Германија е забележан највисокиот број барања за азил од Македонија.
Падот на барањата за азил се постојан тренд, кога ќе се споредат со претходните години. Од “кризата“ со азилантите по ослободувањето од визниот режим, кога илјадници македонски државјани масовно бараа азил во ЕУ земјите, во 2017 бројките сепак сѐ уште биле релативно високи.
За 2017 рекордни 920 македонски државјани побарале азил во ЕУ во март, додека најниска бројка е во септември со 411.
Јануари – 556, февруари -550, април – 683, мај – 463, јуни – 559, јули -565, август – 417, октомври – 503, ноември – 573 и декември – 507, се останатите бројки за минатата година, велат од ЕАСО за МИА.