По повод смртта на познатиот француски актер и сценарист, Жан-Клод Кариер на 8 февруари, Советот на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима одржа комеморативна седница.
Жан-Клод Кариер (1931-2021), добитник на почесната титула „Doctor Honoris Causa“ на универзитетот во 2011 година, меѓудругото беше познат како еден од најблиските соработници на Луис Буњуел и претседател на Ла Фемис (Ла Фéмис), француската државна филмска школа.
На 23 години ја започнува својата кариера како романописец, а потоа се запознава со Жак Тати, кој го убедува да пишува кратки романи засновани на неговите филмови. Преку Тати го запознава Пјер Ете, со кого пишува сценарија за неколку филмови, вклучувајќи го и „Среќна годишнина“, кој освојува „оскар“ за најдобар краток филм. Неговата деветнаесетгодишна соработка со Буњуел започна со филмот „Дневникот на собарката“ (1964), за кого го пишува сценариото со Буњуел и ја толкува улогата на селскиот свештеник. Кариер и Буњуел соработуваат на сценаријата на скоро сите негови подоцнежни филмови, вклучувајќи ги „Убавицата на денот“ (1967), „Дискретниот шарм на буржоазијата“ (1972), „Фантомот на слободата“ (1974), „Тој мрачен предмет на желбите“ (1977) и „Млечниот пат“ (1969). Ги напиша и сценарија за „Лимениот добош“ (1979), „Дантон“ (1983), „Враќањето на Мартин Гере“ (1982), „Последната слика“ (1986), „Неиздржливата леснотија на постоењето“ (1988), „Валмон“ (1989) (заедно со Милош Форман), „Сирано де Бержерак“ (1990), „Раѓање“ (2004) и „Духовите на Гоја“ (2006), а заедно со режисерот Нагиса Ошима го пишува сценариото за „Макс, Мон Амур“ (1986). Соработува и со Питер Брук на деветчасовната сценска постановка на индискиот еп „Махабхарата“, како и на неговата петчасовна филмска верзија. Неговата работа во телевизијата ја одбележува серијата „Авантурите
на Робинзон Крусо“ (1964), француско-германска копродукција, која дожувува голема популарност во многу земји.
Кај нас ќе остане најмногу запаметен по главната улога во македонско-францускиот филм „Тајната книга“ (2006), по сценарио на Јордан Плевнеш и Љубе Цветановски, во режија на Владо Цветановски.