„Република Северна Македонија не може да постои како демократска држава“. Така рече Билјана Ванковска кога сите егзалтираа по „можностите на демократијата“ што ќе ни се отворат откако ќе се севернизираме!
Драги мои, ова тврдење на професорката Ванковска беше предмет на сомневања, отфрлања, стигматизирања и етикетирања пред две години. Но, ајде да го разгледаме денес. Да ја премислиме и преиспитаме таа дефиниција. Идејата на власта на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, која ја протежира како начин на мислење, како филозофија на живеење, како форма на примена на инструменти и средства за создавање нова општа животна парадигма, води кон невозможноста, не за опстојување, туку воопшто за реализација на идејата за постоењето на Република Северна Македонија. Има тука многу јакобински практики што не го издржале испитот на времето додека траела Француската буржоаска револуцијата, па тоа ми дава за право да тврдам дека нема да ја издржи ниту ова македонска шарена револуција. Целиот овој напор за воспоставување системско постоење не на демократска, туку само на каква било релевантна држава Република Северна Македонија е оставен на нереализираните лични фрустрации на неколку квазиучени, кои дваесетина години се одгледувани во неолибералните, што би кажал другарот Џорџ Орвел, животински фарми, каде што основната секојдневна храна што им се сервира – јадењето на сопствениот пород, на крајот завршува со финално гоење во интензивно потхранување со нивниот човечки и духовен измет.
Кој сѐ остана од Шарената револуција да го инсталира „општеството за сите“ во Република Северна Македонија? Во образованието тоа е последниот турнус на ЕУ-фармата. Се работи за обичен бројлер од одделот за кокошки што не го разбираат ниту тоа што го кокодакаат. Знам, непријатно е тоа секојдневно кокодакање, ама знаете како завршуваат кокошките што ќе престанат со кокодакањето? Речиси пропаднати се реформите во образованието, кои не ја издржаа ниту првата проверка на нервниот систем, учењето национална историја. Кога на сето тоа ќе дополниме дека единствениот што го познаваат е принципот „кажи ми го моето мислење“, ги однесе во длабоките води на сѐ уште, и покрај сѐ и наспроти сѐ, традиционалистичкото македонско општество, кое не е подготвено сосила да ги прифати европските вредности што ги преуредуваат семејството и општеството, единствено и само низ сексуалните права и слободи. Оти не знаат оние од фармата дека во Македонија историјата е сексуален чин што трае со векови, а тие сакаат да ни го напикаат набрзина и за кратко. Тука не оди тоа така, перјаници мои. Но и кокошките не знаат што ги чека, не паметат, немаат тие историја и не знаат дека кај и да е ќе им ја намалат храната, ќе си го дојадат изметот и на крајот ќе ги пренесат во одделот за рециклажа, каде што ги мелат како храна за итните потреби од интензивна жива мера што мора набрзина да биде изгоена за некој новоотворен пазар на хаос на некој Западен Балкан или Источен Кавказ, сеедно.
Секако, тука се и сѐ уште самоуверените тркачки коњи, кои никогаш не победија на ниту една единствена трка, а беа фалени како најдобрите од ергелата на македонските атови во комунистичките, транзициските и во новите либерални трки на балканскиот хиподром. Но тоа е. И коњите ги убиваат, зар не? Кога ќе го износат товарот, точно така, додека им зборуваа дека се расни коњи липицанери што ги подготвуваат за парада, безмилосно ги товареа како магариња на свадба, на крајот ќе завршат во оној оддел од фармата што води кон кланицата каде што се прават колбаси и кучешка храна. Драги мои, нема кој да ја промени Република Северна Македонија. Фармата не произведе кадри што имаат квалификации, компетенции, знаења и вештини да создадат нова вредност во социјален стандард и економска благосостојба на консумативното општество, каде што сите духовни и образовни осакатувања се дополнуваат со протези од долари и евра. Не им успева да воспостават бесплатно јавно здравство, ефикасна администрација, добри јавни услуги и масовна купувачка моќ. Не знаат како да произведат или да дистрибуираат евтина храна, шарени производи, либерален морал, демократија, отворени граници, слобода на говорот и печатот, популарна и евтина забава со консумативна уметност и култура за секого и, најважното, споредбен непријателски систем, кој е грд, сив, затворен, сиромашен, неугледен и со постојана стигма и етикетирање од контролирани медиуми и пропаганда за нашиот елитизам и успешност наспроти неговата примитивност и заостанатост, потхранувана со секојдневни лаги за нашата загрозеност од него и неговата агресивна воена и физичка моќ.
Тоа го нема. На европскиот Запад не му успеа приказната со новата поделба на светот и спуштањето на новата железна завеса кон Истокот, основно кон Русија зад границите на Украина и на Кина, пред границата со Турција. И покрај огромните напори, не успеаја во Македонија и кај Македонците да ја проектираат Русија како општ идеолошки непријател, а Кина како економска закана. Можам само да замислам како е на Калето, каде што кутрата управителка на северната фарма гледа како Вучиќ и Србија, поради неспособноста на нејзините бројлери, секој ден сѐ повеќе и повеќе создаваат влијание во нејзината губернија. Не заборавајте, речиси е пропадната пропагандата за совршената Европа, која е фантастична татковина на правдата, благосостојбата и духот на меѓусебно братство, разбирање и солидарност, и за НАТО како генератор на безбедност, инвестиции и економски бум. Таа шеќерна приказна, која триесет години ни ја сервираа елитите од сите партии, ама сите до една, се распаѓа во сопствените лаги. Така и наседна едно големо мнозинство на некогашни Македонци по род, што ги поддржува сите овие промени на името, идентитетот, внатрешното преуредување и општото отфрлање на сите вредности и заемни врски на оваа Северна Република со некогашната само Македонија. Тие веруваа дека доколку се откажат од духовните, за возврат ќе добијат компензација со материјални вредности, за нив и нивните потомци. Тоа што свесно го жртвуваа минатото за иднината, ќе направи многу скоро да останат и без сегашноста.
Така ќе заврши и епизодата со министерот од одделот за право од фармата на ЕУ и НАТО, кој сега си ја крши главата како да ги сертифицира за безбедна консумација производите што ги одгледале, па мора да ги оценат како неисправни за консумирање на евро-НАТО трпезите. Секој ден, еден по еден ги прогласуваат за „диво месо“. Забраната за користење на именката Македонија и придавката македонско, која пред некој ден ја официјализира министерот за правни инсталации, за што пишував и зборував уште пред потпишувањето на Преспанскиот договор, води кон конфликти што доколку се провоцираат, ќе завршат трагично. Што значи толкувањето на тие членови од тој договор, кој сега е дел од националното право и правосудниот систем? Кој и на каков начин ќе ги контролира сите оние што ќе ги користат именката Македонија и придавката македонски? Значи ли тоа дека ќе се воспостави тотална цензура на сѐ што се печати и издава со субвенции од државата? Сите поеми, раскази, романи, драми ќе бидат подложени на цензура? Кој ќе ја составува државната цензура? Дали и кој ќе ги цензурира сите сценарија за филмови, телевизиски емисии и дебати? Кој ќе го контролира јавниот говор? На каде води ова? На продлабочување на конфликтите во секој сегмент од животот. Насекаде. Во секое време и на секое место.
Овие закони и ова право, наместо да решаваат, продуцираат криминал.
Спроведувањето на законите во Република Северна Македонија, наместо кон владеење на право и мир, води кон целосно криминализирање на целата нација, вкупното општествено живеење и, се плашам, дури и кон војна. Секој што ќе се идентификува, ќе го покаже или каже тоа што е забрането со Договорот од Преспа и идниот договор со Бугарија, ќе биде подложен на законски санкции. Ќе направи кривично дело, вербални деликти. А тоа значи крај на демократијата. Драги мои, Република Северна Македонија е држава што е проектирана да создава постојани конфликти, внатре во самата себеси, но и надвор со соседите и целиот свет. Тоа беше и крајната цел. Низ превезот на решавање на еден, да се инсталираат сто други проблеми, кои секојдневно ќе произведуваат нови и постојани деформации. Ние никогаш нема да реализираме ниту едно поглавје од сите оние што нѐ чекаат на патот за членство во ЕУ, од причина што Република Северна Македонија е држава што има инсталирано механизам за создавање проблеми во сите сфери на живеењето. Тоа се конфликти што не се решаваат со семинари, предавања, грантови од ЕУ и НАТО, со работилници за мир, братство и слобода.
Република Северна Македонија е системски проблем. Историска грешка. Европски и светски дефект. Превртен зглоб што не му дава на телото да се движи. Заробен ум што не дозволува да промислува и резонира надвор од границите на дозволените пространства на знаење. Република Северна Македонија е генерална проба за самоубиство на еден народ. Република Северна Македонија ќе биде држена во чекалницата, во процесот на преговори, за тие преговори да траат со децении, со што ќе се даде простор за развој и ескалација на конфликтите и распад на таа држава. Тоа го решава проблемот. Тоа е планот. Така биле поставени односите по таканаречените Мирцтешки спогодби, кога соседните земји не дозволиле автономија на Македонија во рамките на Отоманската Империја. Онака како што денес истите тие сили и влади не го дозволуваат членството на Македонија во Европската Унија. Во таа смисла, однесувањето на Европската Унија кон Македонија денес е комплетно пресликување на односите на Балканот кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Европската Унија полека ама сигурно се претвора во нова македонска отоманска империја. И тогаш почнало со историја, инсталации на цркви, училишта, медиуми и државни пропаганди на соседите, кое на крајот завршило со две балкански и една светска војна.
„Република Северна Македонија не може да постои како демократска држава“. Кој дел од дефиницијата е неразбирлив? Ова не бара полемики. Тезата на професорката Билјана Ванковска се потврдува секој ден и на сите страни на светот, кој, и покрај сѐ, сѐ уште се перципира како слободен и демократски. Република Северна Македонија е прогласена од најрелевантните американски и ЕУ-организации и институции за недемократска и заробена држава во која владеат хибриден режим, политичка корупција, терор, беззаконие и политички прогон. Па, така, европските држави Република Грција, Република Унгарија и Кралството Шведска во своја заштита, со одлуки на нивните слободни правосудни системи и гаранции од нивните демократски влади, доделија политички азили со кои заштитуваат граѓани на Република Северна Македонија подложени на прогон во нивната недемократска земја. Го добивме ли датумот за почеток на преговори во меѓувреме додека го пишувам ова? Кое поглавје ќе го отвориме прво?
Авторот е режисер и универзитетски професор