Двата клуба од Манчестер во минатите три сезони за трансфери на фудбалери потрошиле речиси една милијарда евра
Во англиската Премиер-лига до крајот на летниот преоден рок остануваат уште три дена (9 август), период во кој се можни уште неколку мегатрансфери вредни десетици милиони евра. Тие зделки главно се очекуваат од клубовите од т.н. „голема шесторка“, од богатите Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челси, Арсенал, Ливерпул и Тотенхем, кои последниве години потрошија големи суми пари.
Германецот Јирген Клоп само пред две години тврдеше дека Ливерпул никогаш нема да биде клуб што ќе троши многу пари за трансфери, сѐ додека е тој менаџер на „црвените“. Откако Манчестер јунајтед го купи Пол Погба за 100 милиони евра, тој рече: „Другите клубови можат да потрошат многу пари и да ги купат врвните играчи. Јас сакам тоа да го направам поинаку, дури би го направил поинаку ако би ги имал тие пари“.
Но само две години подоцна, Ливерпул стана еден од најголемите трошаџии во лигата. За трансферите на Алисон, Фабињо и на Наби Кеита, како и на Вирџил ван Дајк, зимава клубот од Енфилд потроши повеќе од 180 милиони евра.
– Не сум загрижен за тоа што ќе изјави еден од нас во некоја ситуација, бидејќи околностите се менуваат. Ливерпул го прави тоа затоа што во клубот веруваат дека тоа е најдобро за нив. Не ми се допаѓа кога колегите зборуваат за мене – коментираше неодамна менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, за промената на пристапот на Клоп на трансфер-пазарот.
Но добрата работа за Ливерпул е во тоа што, покрај купувањето нови фудбалери, продаде и неколку од кои добро профитира, најмногу од трансферот на Фелипе Кутуњо во Барселона, за енормни 140 милиони евра.
Но колку потрошил Ливерпул во споредба со шесте англиски ривали последниве сезони може да се заклучи од податоците за трансфер-активностите. Од нив може да се заклучи дека „црвените“ добро се снаоѓаат на фудбалскиот пазар и се зад двата клуба од Манчестер, Сити и Јунајтед, кои се на врвот на листата според потрошените пари за нови играчи.
1. Бранителот на титулата, Манчестер сити, предничи со потрошувачката, со потрошените 448 млн. евра (нето пари). За 22 нови играчи „граѓаните“ дале енормни 610, а од продажбата на исто толку фудбалери во клупската каса се вратиле тројно помалку пари, 162 милиони евра.
2. Манчестер јунајтед е на втората позиција според трошењето, 354 млн. евра. За 11-те фудбалери биле дадени 437, а од продадените 10 играчи биле повратени само 83 млн. евра.
3. Нето-потрошувачката на Челси е 325 млн. евра. За новите 16 фудбалери во минатите три сезони, Роман Абрамович дал 455 млн. евра, а од продадените или позајмени 27 играчи во истиот период биле добиени „само“ 130 млн. евра.
4. Арсенал потрошил 177 млн. евра за фудбалери во минатите три сезони. За новите 14 фудбалери биле издвоени 312, а од продадените 15, клубот повратил 135 млн. евра.
5. Ливерпул има потрошено 159 млн. евра. За засилувањата (15) во минатите три сезони „црвените“ дале 435, а од играчите што го напуштиле клубот (16) се „вратиле“ 276 млн. евра.
6. Тотенхем, кој летово е комплетно неактивен на пазарот и нема ангажирано ниту еден играч, има нето-потрошувачка од 46 милиони евра. Лани и пред сезоната 2016/2017 за 11 фудбалери тие потрошиле 203 милиони евра. Од продадените 12 играчи, пак, во клупската каса се слеале 157 милиони евра.
Јувентус во минус, Реал, Рома и Монако во плус
Меѓу клубовите во петте најсилни и најбогати европски лиги, според потрошувачката, летово предничи италијанскиот првак Јувентус. Тој за новите засилувања досега дал 260 млн. евра, најмногу за Кристијано Роналдо, над 100 милиони. Од продадени играчи во касата на „старата дама“ влегле само 92,4 млн., што значи минус (засега) од 185,5 млн. евра. На третото место на оваа трошаџиска листа, зад Јувентус и Ливерпул, е француски ПСЖ со 136,5 млн. евра за засилувањата, односно поврат на 65,5 млн. и минус во касата од 78,6 милиони. Натаму следуваат Барселона (127,2 / 42,13), Рома, која е во плус (111 / 126), како и Монако (97 / 298,6) од продажбата на голманот Алисон на Ливерпул, односно од официјализирањето на трансферот на Килијан Мбапе во ПСЖ. Реал исто тека е во позитива, од Роналдо (90 – 133,8 млн.).