Интернет-доменот „ваксајнс.мк“, кој вчера создаде забуна во врска со пријавувањето за вакцинација против ковид-19, е пријавен во Секторот за компјутерски криминал во МВР од страна на Министерството за здравство, објавуваат повеќе медиуми.
Од овој домен граѓаните се пренасочуваат на веб-страницата „вакцинација.мк“, на која се врши пријавувањето за вакцинација. Министерството за здравство посочило дека станува збор за упад во официјалната страница, поради што случајот е пријавен во МВР.
Називот на доменот потекнува од неодамнешен гаф на премиерот Зоран Заев, кој го употреби терминот „ваксајнс“ кога на англиски зборуваше за вакцинацијата.
Според последните информации, досега над 20 илјади граѓани се пријавиле за вакцинирање против ковид-19 преку официјалната онлајн-апликација.