Наша цел е да ја направиме државата една од оние европски земји што од доминантно застапени фосилни енергенти се пренасочија кон енергетски капацитети што ќе ги користат сонцето, ветерот, водата и природниот гас, посочи премиерот Зоран Заев на вчерашната прес-конференција, која ја одржа заедно со раководството на ЕСМ.
Како приоритетни проекти, кои треба да ја раздвижат економијата, Заев ја посочи хидроцентралата „Чебрен“, за чија изградба кон крајот на минатата година се појавиле неколку заинтересирани инвеститори. Притоа, тој посочи дека првата фаза на селекција поминала и, од десетте понудувачи, девет поминале во наредната фаза за проектот, вреден од 600 до 800 милиони евра, со инсталирана моќ од 330 мегавати.
– Користењето на обновливите извори на енергија и замената на јагленот со гас се едни од нашите најважни стратегиски приоритети. Во таа насока развиваме сериозен енергетски стратегиски план. Една од точките на „Акција 21“, покрај животната средина, е и енергетиката – рече Заев.
Тој нагласи дека во последните три години интензивно се инвестира во гасификацијата на земјата, се планираат и се инвестираат фотоволтаични централи на приватно и државно земјиште и ќе се создава фонд за енергетска ефикасност за реализација на проекти пред сѐ во јавниот сектор.
– Целта е во наредните пет години да се влезе во инвестициски циклус што ќе обезбеди земјата да биде позелена, но и порационална и поефикасна во енергетскиот сектор. Се планира до 2026 година да биде заменет првиот блок од РЕК „Битола“, кој работи на јаглен со фотонапонска електроцентрала. Другите два блока ќе се модернизираат до 2023 година, со темелна реконструкција на електростатските филтри, а до 2026 година со целосна десулфуризација и декарбонизација, со што ќе им се продолжи векот на траење и ќе им се подобри еколошката прифатливост за да ги задоволат европските стандарди – посочи премиерот.
Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, кажа дека производството на електрична енергија со што помала емисија на гасови е долгорочна цел на која работат како компанија.
– Енергетската трансформација е почната преку „Осломеј“ и неговата трансформација во капацитет што ќе произведува електрична енергија од сонце. Изградбата на првата од трите фотонапонски електроцентрали е веќе почната, а преостанатите се во тендерска процедура. Целиот капацитет ќе има инсталирана моќност од 120 мегавати, што е еквивалент на сегашното производство на РЕК „Осломеј“ – рече Ковачевски и додаде дека се предвидува и во РЕК „Битола“ во следните неколку години да се изградат фотонапонски електроцентрали со инсталирана моќност од најмалку 160 мегавати и когенеративна електроцентрала во рамките на комбинатот со моќ од 250 до 400 мегавати.