Фото: Игор Бансколиев

Со полудиригирана ждрепка ќе се формираат четвртфиналните групи со победниците од елиминациските дуели. Групите ќе се играат по принципот полуфинале-финале, а најдобрите четири ќе обезбедат место на завршниот турнир

РАКОМЕТ – КУП НА МАКЕДОНИЈА

Сезонава сите суперлигаши, вклучувајќи ги и Вардар и Еурофарм Пелистер, ќе мора да одиграат еден натпревар повеќе во рамките на квалификациите за Купот на Македонија, поради променетиот формат на натпреварување што го востанови Ракометната федерација на Македонија (РФМ). Поради зголемениот број на екипи во Суперлигата и Првата лига, со новиот формат на натпреварување 32-те екипи (16 од Суперлига и 16 од Прва лига) ќе играат елиминациско коло – суперлигаши против прволигаши.
Досега ова беше практика само за прволигашите во двете групи, по кои најдобрите четири екипи им се приклучуваа на суперлигашите во четвртфиналните групи. Сезонава со полудиригирана ждрепка ќе се одредат двојките и ќе се игра само еден дуел.

Исто така со полудиригирана ждрепка ќе се формираат четвртфиналните групи со победниците од елиминациските дуели, кои ќе се играат по принципот полуфинале-финале, а најдобрите четири екипи ќе обезбедат место на завршниот турнир. Елиминациските натпревари би требало да се играат на 24/25 февруари, а четвртфиналните групи на 31 март/1 април. Завршниот турнир на Купот на Македонија би требало да се игра од 21 до 23 мај.
Во куп-натпреварувањето во женска конкуренција ќе играат 13 екипи, кои со ждрепка ќе бидат поделени во четири групи (А, Б, В, Г). Во групата А ќе има четири, а во групите Б, В и Г по три екипи. Во групата А ќе се играат два полуфинални натпревара по системот 1/4 и 2/3, а во групите Б, В и Г ќе се игра само едно полуфинале, а победникот ќе игра финале со екипата што била слободна (претходно одредено со ждрепка). Победниците од секоја од групите ќе обезбедат место на завршниот турнир.