Невообичаено ниските температури и снежните врнежи продолжуваат да предизвикуваат големи проблеми во сообраќајот во многу делови на Германија.
На еден од најважиот автопат во земјата, што ги поврзува источна и западна Германија, возачите поминале 16 часа од вчера до денеска на температури до -10 степени. Автопатот бил блокиран неколку часа.
Германската железница („Дојче бан“) исто така објави неколкучасовно доцнење и откажување на некои линии.
– Нашите тимови ги расчистуваат главните правци од снег дење и ноќе, но сообраќајот е отежнат – велат од Германската железница.
Снег сè уште паѓа во северниот дел на Германија, кој продолжува да го блокира сообраќајот на пругите меѓу Хамбург, Келн и Берлин.
Германската метеоролошка служба најавува обилни врнежи од дожд за денеска, особено по должината на бреговите на Северното и Балтичкото Море.
Поради лошите временски услови, отежнат е и воздушниот сообраќај, а аеродромот во Дортмунд целосно го прекина сообраќајот.
Зголемувањето на температурите се очекува кон крајот на неделава, но сѐ уште се прогнозира студено време со температури околу нулата.