Коосновачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, објави видео во кое повикува на воспоставување нов систем кој во иднина ќе помогне во спречување пандемии.
Според него, системот би вклучувал глобален систем за предупредување и т.н. „пожарникари против пандемија“, кои би биле целосно обучени професионалци подготвени веднаш да одговорат на потенцијална кризна состојба.
Гејтс исто така ја објасни својата идеја во годишното писмо што го објави на 27 јануари.
– Очекувам дека во текот на следните пет години ќе направиме огромен напредок во технологијата за развој на нови вакцини, во најголем дел поради успехот на мРНК-вакцините против ковид-19. Исто така, верувам дека во иднина ќе видиме огромни подобрувања во дијагностицирањето и развојот на моноклонални антитела и предвидувам дека мРНК-вакцините во иднина ќе се развиваат побргу, во поголеми количини, и ќе бидат постабилни за складирање. Тоа би бил голем чекор напред во справувањето со идните пандемии и за другите глобални здравствени предизвици. Овие вакцини нудат ветувачки резултати и за болести како што се ХИВ, туберкулоза и маларија. Напредокот во истражувањето и развојот, постигнат во борбата против ковид-19, еден ден може да ни обезбеди алатки за конечно да ги запреме овие смртоносни болести – вели во обраќањето познатиот милијардер и филантроп.
Сепак, како што нагласува тој, кога станува збор за спречување пандемија, само научниот напредок не е доволен. Гејтс смета дека потребни се објекти на терен кои постојано ќе ги следат потенцијално опасните патогени микроорганизми. Додава и дека треба да се направат уште многу работи за да се дизајнираат нивниот изглед и функција, но исто така претставува и неколку негови идеи.
– Прво, треба да ги поставиме главните фокуси што е можно побргу. Ова ќе бара глобален систем за предупредување. ‘Рбетот на овој систем ќе бидат дијагностичките истражувања. Да речеме дека сте медицинска сестра во некоја локална амбуланта на село и забележувате дека пристигнуваат повеќе пациенти со кашлање отколку што очекувате во тој период од годината или можеби дури и повеќе луѓе умираат од нормалното – во тој случај би ги тестирале пациентите за вообичаените патогени микроорганизми. Доколку ниту еден тест не е позитивен, вашите примероци ќе бидат испратени на друго место за понатамошна анализа. Ако вашиот примерок се покаже како суперинфективен или целосно нов патоген, тогаш на сцена стапува тимот што прв реагира на појавата на заразна болест. Замислете ги како пожарникари против пандемија. Исто како и пожарникарите, тие се целосно обучени професионалци, кои се подготвени веднаш да одговорат на потенцијална кризна состојба. Моја процена е дека ни требаат околу 3.000 такви вработени во светот – вели Гејтс.
When it comes to preventing pandemics, scientific tools alone aren’t enough. We also need new capabilities, including a global alert system and infectious disease first responders (or what I like to call a pandemic fire squad): https://t.co/53Rf5uvjub pic.twitter.com/rTmM7STl6U
— Bill Gates (@BillGates) February 1, 2021