Европската асоцијација на кинотеки кон крајот на минатата година го започна проектот „Сезона на филмски класици“, во кој учествува и Кинотеката на Македонија. Првата проекција во рамките на проектот се одржа во декември кога Југословенската кинотека го прикажа немиот филм „Грешница без грев“, а втората проекција ќе се одржи утре кога Филмотеката на Валенсија ќе го прикаже немиот филм „Санз и тајните на неговата уметност“ на својот канал на Јутјуб, и тоа со музичка поддршка во живо.
Кинотеката на Македонија учествува во овој проект со новите дигитално реставрирани копии на играните филмови „Фросина“ и „Мирно лето“. Двете дигитални копии ќе бидат првпат прикажани во јуни во летното кино на Кинотеката, со што проектот „Сезона на филмски класици“ ќе заврши.
Истовремено, ќе биде одбележана и 60-годишнината од премиерата на првата македонска комедија „Мирно лето“, со пригодна изложба и концерт на мелодии од почетокот на 1960-тите години. Проектот „Сезона на филмски класици“ се одржува втора година во низа, а во него учествуваат филмски институции од Брисел, Амстердам, Париз, Осло, Торино, Лозана, Болоња, Берн, Франкфурт, Будимпешта, Лисабон, Прага, Барселона, Даблин, како и од регионот: Загреб, Атина, Тирана, Софија. Целта на оваа иницијатива, координирана од Европската асоцијација на кинотеки, е да се доближи европското филмско наследство до публиката и да се запознае младата популација со она што за постарите претставува „филмска класика“.