На Аврам Романо, последниот рабин на Битола
Првонаграден расказ на конкурсот на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија
Во Битола имавме шест синагоги, јас одев само за големите празници, а брат ми и татко ми постојано. Веќе подолго време бев вклучен во организацијата „Хашомер Хацаир“, и таму на предавањата на Леон Камхи, пријател на татко ми, целиот се претворав во уво, мечтаев да заминам за Палестина, сонував како тргнувам со брод, како се поздравувам со семејството и со пријателите. Имав шеснаесет години. На денот кога умре мајка ми, мојот другар Рафаел ми ја подари книгата „Остатоци од рајот“, за спомен. И во ноќите кога седевме дома покрај огништето, пиејќи од чајот голтка по голтка, татко ми уживаше да ни раскажува за семејната историја, велеше, на човек кога му е најтешко се навраќа на спомените и оттаму, од минатото, црпи сила, за да може да продолжи напред. Тие денови беа навистина тешки, меѓу соседите во Еврејското Маало владееше немир, сите бевме уплашени, движењето ни беше сосема отежнато, моравме да носиме жолта ѕвезда, бугарската полиција постојано нѐ легитимираше. Колку што стануваше поголема репресијата врз нас, толку беа подолги приказните на татко ми, бегаше во спомените како во сигурно прибежиште, пиеше чај голтка по голтка во студените вечери, ќе ги потпреше лактите на масата и ќе го нурнеше погледот во подот, гледајќи така во празно.
Одвреме-навреме, со некоја меланхолија во гласот, можеше да се слушнат по неколку тивки збора од вечерната молитва Шема Израел Адонај Елохину, Адонај Ехад, и повторно молк и само бавно шмркање од чајот. Јас ја читав книгата од Рафаел, сѐ додека повторно не ме прекинеше за да ми раскажува за дедо ми Аврам и неговите дуќани, за трговијата пред војната, пред да се создадат новите граници и пред да се затвори патот од Битола за Солун. Деновите ни поминуваа во исчекување и страв, а човек кога се плаши, кога е во паника, бара да ѕирне во непознатото, сака да ја знае иднината, бара начини стравот што го чувствува да му го предаде некому, и затоа почнавме да се молиме, сакавме овој неподнослив товар да му го предадеме на Бога, ова што нѐ снаоѓа е божја волја, велеше брат ми, или божја казна за нашите гревови. А ти што мислиш, ќе го прашаше татко ми, тој молчеше.
Цела ноќ светилките беа запалени. Постарите вознемирено разговараа, што би правел човек во овие тешки времиња за нас, освен да се надева. Се зборуваше дека ќе нѐ носат некаде, но никој не знаеше каде, се зборуваше дека ќе нè соберат и ќе нѐ однесат во работни логори. Тебе нема да те земат, ми рече татко ми, мал си, ме погали по главата и со двете раце ме фати за јаките од палтото, со десната страна ми ја прекри левата, вака држи ја, ми рече, и ми ја прекри ѕвездата. Брат ми Калми беше многу скромно момче, често молчелив, можеше да се затвори во својата соба и со часови да чита од сидурот. Слезе по скалите и застана до нас.
Денес нема да спијам, рече, ќе се молам до доцна. Јас излегов и преку мостот што го дели Еврејското Маало од центарот на градот, дојдов до куќата на Марија Секулова, мојата љубов. Бидејќи се криевме од нејзините родители, јас некаде по полноќ тивко се прикрадував до нејзината куќа и, по скалите, бесшумно се качував до покривот. На покривот имавме свое место и тука ги поминувавме ноќите. Уште пред да зазори, вообичаено тивко излегувам, по мене излегува Марија. Сакам да те испратам, вели, смачено ми е веќе да се криеме. Пред мостот ја бакнувам и таа се враќа назад кон дома, јас продолжувам преку мостот кон нашето маало, градот е целосно блокиран, пристапот кон нашата куќа е забранет од сите правци, полиција, доаѓаат кон мене, Марија се врти наназад и гледа дека се враќам кон неа. Сѐ е блокирано, ѝ велам и гледам дека во нејзините очи го чувствува мојот страв. Остани кај нас уште вечерва, ми вели и ме влече накај неа, ме влече за десната рака и од левата страна на јаката на палтото ми се отскрива ѕвездата. Ѕвездата, ми вели, покриј ја, како молња да поминува низ мене, веднаш ја покривам, немам друг избор. Полицајците зборуваат гласно и се смеат, поминуваат преку мостот, нѐ одминуваат незаинтересирано, повторно ќе преноќам кај Марија.
Во зорите се слушаа гласови и плачење. Колоната доаѓаше кон нас, нели само старите ќе ги собираа за во работни логори, ме убива мислата, а овде се сите, и децата, чувствувам како ме облева ладна пот, стојам во место, вкочанет, смрзнат, што вреди животот на самотниците, си мислам, кога немаш ништо свое на светот. Ги зедоа Евреите, со воз, ги однесоа во Скопје, зборуваше таткото на Марија со дуќанџијата до неговата куќа. Сигурно ќе се вратат, си велев, не може оваа војна да трае вечно. Заминаа сите. Без да се поздравиме. Еден месец подоцна и Марија ми умре на раце, од бронхопневмонија. Останав сосема сам на светот, единственото нешто што го имав од дома беше црното палто со жолтата ѕвезда. Спомените на кои татко ми се навраќаше за да избега од моменталните страдања, за мене станаа кошмар. Немам спомени, сѐ е избришано и заборавено, оти сѐ е толку болно, неподносливо болно, смртно болно.
Две години подоцна, на пазарот на една тезга ја најдов книгата што ми ја подари Рафаел. Продавачот ми вели: Земи ја, колку ќе дадеш – толку. Немав многу да му дадам. „Остатоци од рајот“, ја гледам, не можам да ја допрам, парченца во рајот, тука се брат ми Калми, татко ми, Рафаел, чичко ми Исак, мајка ми, целото соседство, целиот град, сите градови и земји, ми се врти во главата. Ќе ја земам, му велам и му платив колку што ми побара. Тој радосен се врти околу тезгата, јас ја стискам книгата в раце, плачам и трчам дома. Сеќавањата се запишани во оваа книга. Трчам кон дома. Во мојот празен дом, во кој веќе се вселија непознати дојденци. Во мојот бездом.
Михајло Свидерски