Дури и во случај на појава на нови видови на вирусот, а таков во моментов се шири низ Велика Британија, научниците тврдат дека имунитетот стекнат од претходните видови е „доволно силен за да спречи сериозни болести“. Исто како што е случајот со четирите коронавируси што предизвикуваат настинка, по што имунитетот се зајакнува со секоја нова болест
Охрабрувачка вест од истражување на американски научници
Списанието „Сајанс“ објави ново истражување на американските научници. Во него, според резултатите, се предвидува дека САРС-КоВ-2, вирусот што го предизвикува ковид-19, ќе стане помалку заразен со текот на времето и ќе се појавува како сезонски, заедно со други патогени од семејството на коронавирусите што предизвикуваат лесни настинки.
Но тоа ќе се случи дури кога САРС-КоВ-2 ќе стане ендемичен вирус, односно кога нема да предизвикува масовни инфекции или сериозни болести. Истражувањето е направено од страна на научниците од универзитетите „Емори“ и „Пен Стејт“ во САД. Клучните делови од нивната студија се објавени во списанието „Сајанс“.
– Кога вирусот ќе ја достигне таквата ендемска состојба, зависи од брзината на неговото ширење и од стапката на вакцинација – изјави за „Њујорк тајмс“ водечката авторка на студијата Џeни Лавин од Емори.
– Значи, секој треба да се вакцинира што е можно побрзо – истакна таа.
Нивното истражување се заснова на шест човечки коронавируси, од кои четири редовно се шират меѓу луѓето и предизвикуваат само благи симптоми. Другите два, тежок акутен респираторен синдром (САРС) и респираторен синдром на Блискиот Исток (МЕРС), се појавија во последно време и резултираат со висока смртност, но имаат слична генетика како коронавирусот предизвикан од ковид-19.
Научниците сè уште проучуваат колку долго траат антителата и другите имунолошки клетки откако сте го прележале ковид-19. Досегашните откритија сугерираат дека имунитетот што ја блокираа инфекцијата е релативно краток, но затоа имунитетот што ги ублажува симптомите е долготраен.
Ова значи дека некое лице може да биде заразено со коронавирус и неколкупати, но секој нареден пат не би бил сериозен како првиот, тоа е слично на влијанието на обичните настинки врз телото.
Кога повеќето луѓе ќе стекнат заштита од ковид-19, било на природен пат, преку инфекција или пак со вакцинација, на коронавирусот главно ќе бидат изложени само малите деца, а нивните болести се лесни.
Но без масовно вакцинирање, ќе бидат потребни години и многу починати за да се случи тоа, велат научниците.
Дури и во случај на појава на нови видови на вирусот, а таков во моментов се шири низ Велика Британија, научниците тврдат дека имунитетот стекнат од претходните видови е „доволно силен за да спречи сериозни болести“. Исто како што е случајот со четирите коронавируси што предизвикуваат настинка, по што имунитетот се зајакнува со секоја нова болест.