Иако референдумот и официјално е распишан, па веднаш потоа пратениците заминаа на одмор од 1 до 20 август, а кампањата треба да започне на 10 септември, сепак останаа многу правни недоумици за уставната и законската поткрепеност на овој референдум, уставните и законските прекршувања и противречности на кои укажуваат експертите, како и легитимитетот на спогодбата со Грција, која сѐ уште не е во правна сила и не е објавена во „Службен весник“

Одлуката за одржување референдум на кој граѓаните на Македонија ќе треба да се изјаснат за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ е донесена со 68 гласа „за“ во македонското Собрание, на 30 јули 2018 година. Според изгласаната собраниска одлука, референдумот ќе се одржи на 30 септември 2018, но она што невообичаено отстапува од смислата на постоењето на оваа највисока форма на демократско носење одлуки е тоа што резултатите од граѓанското изјаснување нема да бидат обврзувачки за оние што го распишуваат референдумот. Односно, референдумот ќе има консултативен карактер, што во практиката, или според премиерот Заев, значи дека „ако граѓаните останат дома, институциите ќе одлучат за нив“. Во случај да не биде постигнат цензус за референдумот (одзив од 50 отсто од вкупниот број гласачи во избирачкиот список), сепак ќе продолжи процедурата за спроведување на уставните измени, преземени како обврска со спогодбата од Мала Преспа. Или, едноставно кажано, волјата на граѓаните е прифатлива само ако ги исполнува очекувањата на предлагачите на референдумот.

Иако референдумот и официјално е распишан, па веднаш потоа пратениците заминаа на одмор од 1 до 20 август, а кампањата треба да започне на 10 септември, сепак останаа многу правни недоумици за уставната и законската поткрепеност на овој референдум. Неколку правни дилеми и недоречености во законитоста на референдумот загатнува и професорката Билјана Ванковска во колумна за „Нова Македонија“.

– Без оглед какво прашање ќе се скове, мора да се истакне следното: 1) Договорот од Преспа не стапил во сила (не е ратификуван, т.е. не е објавен во „Службен весник“) за да можат граѓаните да се изјаснуваат за него. 2) Уставот не познава консултативен референдум за прашања од надлежност на Собранието. Во чл. 72 се вели дека одлуката од референдумот е задолжителна. (Консултативен референдум предвидува Законот за референдум, што би требало да биде предмет на оцена на Уставниот суд.) 3) Консултативен референдум е рамен на безвредна анкета, особено кога премиер Минхаузен веќе најавува дека нема да го почитува неговиот исход, ако му се чини неповолен… – пишува професорката Ванковска.

Правничката дилема дали граѓаните треба да се изјаснуваат на референдум за договор (спогодбата од Преспа), кој не стапил во сила, бидејќи не е ратификуван, т.е. не е објавен во „Службен весник“, со конкретна одлука ја „решава“ претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој на новинарско прашање на оваа тема одговара: „Ако се има предвид дека граѓаните треба да се изјаснат на референдум за ова, сметам дека е посоодветно да се почека резултатот од референдумот“.

И покрај колизијата меѓу Уставот и Законот за референдум, во однос на одлуката за консултативниот карактер на референдумот, сепак се пренебрегнува тој момент на неусогласеност што би требало да го разгледа и да одлучи Уставниот суд и одлуката за референдум се повикува на членот 73, став 1 од Уставот на Р. Македонија.

– Одлуката се повикува на чл. 73, став 1 од Уставот, а не се повикува на ниту еден член од Законот за референдум, што ја прави правно фалична и неупотреблива. Уставот не познава категорија „референдум за консултирање со граѓаните“. Тоа што не е наведен член/членови од Законот за референдум по кој власта ќе го организира референдумот остава простор за можни манипулации понатаму, што најверојатно е цел на фаличната одлука. Власта е должна во одлуката да наведе по кои членови од Законот за референдум го организира референдумот за да знаат граѓаните што гласаат и како да го одбранат своето право понатаму. Плус за вакви тешки прашања во кои се споменува и ЕУ, власта не смее да распишува консултативен референдум, бидејќи го крши чл. 120 од Уставот, каде што јасно е утврдена постапката за носење одлука за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави – смета професорката по Уставно право, Татјана Каракамишева-Јовановска.

Со решението за консултативен карактер на референдумот, Каракамишева-Јовановска смета дека се создава можност за манипулација со граѓаните.
– Во чл. 9, став 1, алинеја 3 и 5 од Законот за референдум јасно е утврдено дека граѓаните одлучуваат на референдумот, тоа во одлуката никаде не е наведено, што значи власта прави уште една манипулација со граѓаните – вели Каракамишева-Јовановска.

Фото: Дарко Андоновски

Забрзаноста на целата процедура за спроведување на референдумот, како и релативизирањето на законските и уставните одредби што би требало да го легализираат легитимитетот на граѓаните да донесат одлука, остава голем простор за сомневање дека овој референдумски повик на власта се организира проформа и како алиби пред формалната демократија. Таквиот став на законско релативизирање во име на „европските вредности“, илустративно и колоквијално го опишува во дебата на социјалните мрежи новинарот Зоран Иванов, поддржувач на спогодбата од Мала Преспа.

– И јас сакам да сум „легалист“, ама (генерално за во Македонија) тоа е мисловна именка. Затоа сега нема закон – сите „за уши“, па на референдум. Во интеграции, макар „неправно“. Ова токму во функција и овде во Македонија конечно да проработи правото, тоа е мотивот. Кога еволуцијата е бавна, проработува револуцијата, само да е „просветлена“, да води кон европски вредности – напиша Иванов.


Заев: Нема опција дали да излеземе или не

Премиерот Зоран Заев вчера испрати апел до граѓаните своето учество на референдумот да го сфатат сериозно.
– Сите знаеме дека огромно мнозинство ќе бидат „за“ и таа волја на граѓаните треба да ја почитуваме. Уверен сум дека ќе биде успешен, со повеќе од 50 отсто одзив, и огромно мнозинство ќе гласа за европската иднина. Нема друга алтернатива за Македонија. Можеме да бидеме различно партиски и религиски определени, богати или сиромашни, но сите сме еднакви граѓани, со еднакви права и обврски во оваа земја. Сега правата и обврските доаѓаат заедно. Убеден сум до небото дека ќе излезат да ја кажат одлуката. Убеден сум дека ќе успее референдумот, а потоа ние ќе го послушаме нашиот народ – изјави Заев.

За постигнување на посакуваниот одзив на референдумот, премиерот Заев се повика на вистинскиот патриотизам.
– Овој пат на референдумот одговорноста ќе ја преземеме за себе и своето семејство и ќе излеземе да гласаме онака како што мислиме. Има опција „за“ или „против“. Но нема опција дали да излеземе или не. Треба да излеземе ако сме вистински патриоти – порача тој.