По првите три меча, Данците имаат најдобра одбрана, најмногу асистенции и реализирани контранапади, втори се според блокираните удари и трети според ефикасноста. Данска е и меѓу петте селекции (заедно со Франција, Португалија, Шведска и со Унгарија) што во главната рунда на СП 2021 влегоа со по максимални четири бода

РАКОМЕТ – СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ЕГИПЕТ

Франција, Данска, Португалија, Шведска и Унгарија се селекциите што во првата групна фаза на ракометното Светско првенство (СП) во Египет забележаа максимален ефект од по три победи во трите меча и во главната рунда од натпреварувањето влегоа со по четири бода на своето конто.
По трите меча од групната фаза, Унгарија го има најдобриот напад со ефект од 35,6 гола по меч, а потоа следуваат Словенија со 35 и Данска со 34,6 гола по натпревар, но Данска ја има и најдобрата одбрана во досегашниот тек од шампионатот со просек од 19,6 примени на гола по меч. Втората најдобра одбрана ја има Португалија со просек од 20,6 гола, а трета е одбраната на Германија, која примала по 21,5 гол по натпревар.
Актуелниот светски првак Данска предничи и по бројот на асистенции и реализирани контранапади. Данците во три меча асистирале 54 пати (18 по меч), а истрчале и реализирале 26 контри. Кај асистенциите втора е Франција со 52, а трета е Шведска со 50. Швеѓаните имаат и 23 реализирани контранапади и се селекција што има најмалку технички грешки по меч, шест (вкупно 18).

Репрезентативците на Египет предничат во играта еден на еден (23 гола од продор) и украдени топки (22). Пробивот е силна страна и на селекциите на Словенија (21) и на Португалија (19), која, исто така, е втора и според бројот на украдени топки (20) и ги има најдобрите блокирачи на линијата од шест метри, кои блокирале 19 удари кон португалскиот гол. Втор по ефикасност е блокот на Данска со 16, а трета е Хрватска со 12.
Селекциите на Франција и на Шпанија имаат најголема поддршка од голманите. Француските голмани во три меча одбранија 47 удари, Винсент Жерар 27 и Весли Пардин 20, а Шпанците забележаа 45 интервенции, од кои 35 Гонзало Перез де Варгаз и 10 Родриго Коралес.
Норвешкиот централен бек Сандер Сагосен со 30 гола е најдобар стрелец по групната фаза, втор е Франкис Марзо од Катар со 25, а трет со 23 погодока е Мохамед Дармоул од Тунис. 


Шпанија има најискусен состав

Со просек од 30,1 години селекцијата на Шпанија го има најискусниот состав на ракометниот Мундијал во Египет, а најмладата селекција на Светското првенство ја има Јужна Кореја со просек од 20,3 години. Селекциите на Унгарија и на Германија ги имаат највисоките тимови, со просечна височина на играчите од по 195 см, а Бахреин ја има најниската репрезентација со просек од 177 см. 


ДВОЈКИ ЗА ДЕНЕСКА

Унгарија – Бразил
Шпанија – Германија
Уругвај – Полска
Хрватска – Бахреин
Данска – Катар
Јапонија – Аргентина

ВОДЕЧКИ ВО НЕКОИ СТАТИСТИЧКИ КАТЕГОРИИ

Најдобар напад: Унгарија 35,6, Словенија 35, Данска 34,6
Најдобра одбрана: Данска 19,6, Португалија 20,6, Германија 21,5
Најмногу асистенции: Данска 54, Франција 52, Шведска 50
Голови од контранапади: Данска 26, Шведска 23, Словенија 20
Најмногу блокади: Португалија 19, Данска 16, Хрватска 12
податоците се по првите три кола