Да се остави споровите да ги решат земјите што се директно вмешани во нив нема да функционира, особено кога една од страните во спорот е членка на ЕУ, сметаат во независниот истражувачки центар од Брисел
Европската Унија треба на секој начин да помогне во решавањето на споровите на Западен Балкан и да го врати нарушениот кредибилитет на својата политика на проширување, сметаат во бриселскиот Центар за европски политички студии (ЦЕПС). Во анализата насловена „Агендата на проширување на ЕУ повеќе не одговара на целта“ се порачува за проактивен дипломатски ангажман на сите ЕУ-инстанци во процесот на проширување и воспоставување независно и неутрално тело што ќе посредува во споровите, паралелно со процесот на пристапување, а не како предуслов за почеток на преговорите. Аналитичарите на ЦЕПС наведуваат дека 2020 година се очекувало да биде уште една пресвртница во политиката на проширување на ЕУ со отворањето (по неколкукратните одложувања) на пристапните преговори со Македонија и со Албанија, пренесува „Данас“.
Бугарското вето на почетокот на преговорите со Македонија не е само уште една злоупотреба на правилата за едногласноста на членките туку покажува и недоволно разбирање на комплексната политика на Западен Балкан и нејзината историја од страна на ЕУ, наведува ЦЕПС.
– Со обидот да се вметне историјата во процесот на пристапување во ЕУ, бугарската влада не само што ги поткопува критериумите за пристапување туку се чини се занемарува и 70-годишното искуство на ЕУ во надминување на минатото и промовирање на процесот заснован на помирување и владеење на правото – пишува во анализата.
Во регионот има многу спорови и секој од нив може да биде причина за нестабилност или конфликт. Барањата за поделба или прераспределба на териториите може да ја отворат Пандорината кутија во регионот, како што се случи во спорот меѓу Србија и Косово.
Да се остави споровите да ги решат земјите што се директно вмешани во нив, нема да функционира, особено кога една од страните во спорот е членка на ЕУ, сметаат во независниот истражувачки центар од Брисел.
Ни темпото на Србија и Црна Гора во преговорите за членство не е ништо побрзо. Хрватска за осум години ги заврши преговорите и стана членка на ЕУ, додека Црна Гора за исто време затвори само три од 35 поглавја, нагласуваат од ЦЕПС.