Во рамките на проектот за зајакнување на општинските совети, Општина Центар, во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП, го реконструира објектот на поранешното Матично, кој за многу кратко време ќе стане современ општински младински центар.
Проектот за реконструкција и пренаменување на објектот на поранешното Матично, кој се наоѓа во општинскиот двор, произлезе од одржувањето на граѓанските буџетски форуми во 2019 година. На форумите, покрај Матично, уште два предлог-проекти добија поддршка за реализација – сензорните соби во трите центарски градинки и отворените културни сцени.
Градоначалниците на Општина Центар и на Град Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, на почетокот на ноември ја најавија изградбата на новиот младинскиот центар, каде што по изминати нецели три месеци, градежните работи се на самиот крај.
– Реконструкцијата опфаќа поставување нова фасада и покрив, внатрешно уредување на објектот, реконструкција на санитарниот јазол, промена на внатрешниот водовод, санирање на фекалната канализација, нови санитарии, ново електрично осветлување, телефонско и компјутерско вмрежување, видеомониторинг-систем, како и громобранска и противпожарна инсталација. Реконструктивниот зафат чини 6.941.282,00 денари, со пресметан ДДВ. Општина Центар обезбеди 83 проценти од финансиските средства, односно 5.768.074,00 денари од буџетот на општината за 2020 година, а преостанатите 1.173.208,00 денари беа обезбедени од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во форма на донација – информираат од Центар.
Оттаму ги повикуваат граѓаните што имаат желба да го дадат својот придонес да ја посетат веб-страницата на Општина Центар, centar.gov.mk и во полето предвидено за предлози за име на новиот младински центар да го внесат својот предлог. Победничкото име ќе биде јавно објавено по завршувањето на собирањето на предлозите и изборот на победничкиот предлог.