Покрај добрите вести за пристигнувањето на безбедните и ефикасни вакцини против ковид-19, горчливата вистина е што светската побарувачка ќе ги надмине резервите. Без мултилатерален договор за светска распределба на дозите, патот кон обновата ќе биде многу подолг отколку што се очекува
Светот го доби најдобриот подарок во новата година. Развојот на безбедни и ефикасни вакцини против ковид-19 за толку кратко време речиси претставува медицинско чудо и го навестува почетокот на крајот на корона-кризата. Но темпото со кое ќе ѝ се стави крај на пандемијата зависи од три фактори: првиот е почитувањето на безбедносните мерки, вториот е нашата способност за надминување многу логистички и дистрибуциски предизвици за распределба на вакцините во светот и третиот е пристапот на сиромашните земји до вакцините. Пандемијата нема да заврши сè додека не се искорени коронавирусот насекаде.
Некои напори веќе се во тек, како механизмот „Ковакс“, во кој членуваат 172 држави и има цел да „обезбеди брз, праведен и еднаков пристап до вакцините „за сите земји“, а веќе механизмот склучи договори со девет фармацевтски компании за набавка на вакцините по нивното одобрување, под водство на Светската здравствена организација (СЗО) и алијансата за вакцини „Гави“. Досега Европската Унија и нејзини поединечни членки вложија 850 милиони евра, покрај Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, и други големи донатори. „Ковакс“ треба да собере пет милијарди долари до крајот на годината, за да можат да се набават две милијарди дози. Но оваа бројка не е доволна да се покрие целото светско население, затоа што се потребни две дози од одобрените вакцини. Иако има надеж дека земјите како Индија може да произведат поевтини вакцини, сепак побарувачката ги надминува светските резерви.
Покрај „Ковакс“ постои можност државите директно да добијат финансиска помош, со тоа што Светската банка вети 160 милијарди долари за нејзините земји-клиентки, а многу други донатори и филантропски фондации веќе постапија слично. Со помош на заедничката иницијатива на Светската банка и ММФ за одложување на долговите (ДССИ), 45 сиромашни држави веќе се одлучија на овој чекор и за нив ќе се ослободат фондови еднакви на 0,1-2 отсто од БДП. Иако универзалниот пристап до вакцините е неопходен за да се надмине пандемијата, не е јасно како распределбата на поголеми средства за сиромашните држави за набавка на вакцини ќе им овозможи да добијат повеќе дози, со оглед на очекуваните проблеми со снабдувањето. Одобрените производители веќе се соочуваат со ограничените капацитети, а зголемената побарувачка нема значајно да го стимулира зголеменото производство. Откако ќе се исполнат квотите за набавка на досегашните произведени дози, дополнителното финансирање на држави што вршат еднострани набавки најверојатно ќе доведе до војна за вакцините, што ќе резултира со пораст на цените и ќе има контрапродуктивен ефект на досегашните придобивки.
Во секој случај, компаниите што презедоа ризик да спроведат безбедна и ефикасна вакцина заслужуваат да бидат компензирани за нивните напори. Како што се зголемуваат производствените капацитети, така на пазарните сили треба да им се овозможи да обезбедат иницијативи за иновации, развој и создавање дополнителни производствени капацитети. Но со оглед на тоа што обемот на побарувачката за вакцини во 2021 година веројатно ќе ја надмине понудата, не може да се очекува понатамошните иницијативи за дополнително производство да ја подобрат рамнотежата на понудата и побарувачката во рок од една година.
Сепак, ова не е единствениот проблем. Ако некои сиромашни земји се доволно кредитоспособни, тие може да позајмат повеќе за да финансираат набавки на вакцини во исто време кога цената на вакцините се зголемува, со тоа што ќе им се зголеми долгот, но не значи дека ќе обезбедат поголемо снабдување со вакцини отколку првично поставениот план за набавки.
Во меѓувреме, другите сиромашни земји што веќе беа презадолжени се соочуваат со тешкотии при наплата на долговите – проблем што би го имале дури и под нормални економски околности. Некои од оние што добиваат поддршка од ДССИ можат едноставно да ги користат ослободените средства за финансирање обврски за наплата на долговите, наместо за купување вакцини. До степенот кога другите кредитори, како што се приватните банки и големите билатерални официјални кредитори како Кина, ќе си ги повратат средствата во овој период, подоцна ќе има помалку средства на располагање за преструктурирање на долгот додека се во тек макроекономските реформи.
Овие околности би можеле да резултираат со помалку испорачани вакцини во сиромашните земји и поголеми награди за доверителите на кои им биле вратени претходно дадените кредити за сметка на оние што понудиле одложување според ДССИ. И во други случаи, новодостапните средства може да бидат насочени кон други области на трошење на владиниот дефицит, наместо кон набавка на вакцини.
Со оглед на сите овие компликации, најдобриот начин да им се помогне на сиромашните земји да добијат повеќе дози е да се постигне меѓународен договор, веројатно преку „Ковакс“ и СЗО, за координирање на распределбата на достапните вакцини. САД се очекува повторно да ѝ се приклучат на СЗО, по инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден, на 20 јануари. Штом ќе се случи тоа, мултилатералниот притисок за ефикасно распределување на вакцините на сиромашните земји ќе има големи шанси за успех и треба сериозно да се продолжи во остварување на таа насока.
Авторката е поранешна главна економистка во Светската банка и заменик-директорка на ММФ, а актуелно е истакната истражувачка професорка по меѓународна економија на Школата напредни меѓународни студии на универзитетот „Џонс Хопкинс“ и соработничка на универзитетот „Стенфорд“.