Чувството на изневереност испорачана од страна на ЕУ веројатно најдобро го запозна Италија. Таа, како најпогодена европска држава од коронавирусот во март минатата година, бараше помош за спречување на ширењето на заразата, но наиде на забележливо отсуство на солидарност од Европа, додека нејзините апели за помош не наидоа на очекуваниот одзив од членките на ЕУ. Сега во слична ситуација се балканските држави, кои уште чекаат на пристигнување на првите вакцини, без јасен распоред за почетокот на вакцинацијата на национално ниво, додека Унијата си ја спроведува вакцинацијата од минатиот месец. Македонскиот епидемиолог Драган Даниловски ја спореди сегашната ситуација на Западен Балкан, во поглед на вакцинацијата, со нееднаквостите забележани за време на тонењето на бродот „Титаник“ во 1912 година…
Европа повторно ги доведува во прашање своите принципи на солидарност и заедничка одговорност
Солидарноста на Европската Унија (ЕУ) повторно е доведена во прашање за време на пандемијата, овој пат кога станува збор за дистрибуцијата на вакцини и туркањето кон маргините на Балканот при овој процес. Уште од минатиот месец мноштво европски граѓани „ги засукуваат ракавите да примат вакцина против ковид-19“. Истовремено нашиот регион како дел од Стариот Континент се чувствува запоставено, изолирано и напуштено, соочувајќи се со тешкотии да дојде до пристап кон вакцините преку различни програми. Ваквото чувство на изневереност од страна на ЕУ веројатно најдобро го познава Италија, која, како најпогодена европска држава од коронавирусот во март минатата година, бараше помош за спречување на ширењето на заразата, но наиде на забележливо отсуство на солидарност од Европа, додека нејзините апели за помош не наидоа на очекуваниот одзив од членките на ЕУ. Сега во слична ситуација се балканските држави, кои уште чекаат на пристигнување на првите вакцини, без јасен распоред за почетокот на вакцинацијата на национално ниво.
Богатите ги грабнаа вакцините, а сиромашните ги полагаат надежите во „Ковакс“
Веќе станува извесно дека Македонија, Србија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Косово, каде што живеат вкупно околу 20 милиони луѓе, ќе заостануваат зад 27-те членки на ЕУ, како и зад Велика Британија, во напорите за постигнување колективен имунитет на населението. Македонскиот епидемиолог Драган Даниловски ја спореди сегашната ситуација на Западен Балкан, во поглед на вакцинацијата, со нееднаквостите забележани за време на тонењето на бродот „Титаник“ во 1912 година, во неодамнешна изјава за ТВ24. „Богатите ги грабнаа сите чамци за спасување, оставајќи ги зад себе помалку среќните“, кажа Даниловски. Таквото мислење добива на популарност во Западен Балкан, додека светот се соочува со најтешката криза во изминатиот век. А се спомнува и во контекст на балканските држави што сакаат да пристапат на ЕУ, но уште не се дел од блокот. Повеќето балкански држави ги полагаат надежите во „Ковакс“ – глобалната програма за распределба на вакцини основана од Светската здравствена организација, за да се справи со појавата на нееднаквост при дистрибуција на вакцините. „Ковакс“ обезбедува зделки за повеќе ветувачки вакцини, но засега покрива дози за имунизација на 20 отсто од населението на државите. БиХ, на пример, резервира вакцини преку „Ковакс“, кои се очекува да стигнат најрано во април, што сега се чини далечно.
Србија е единствената држава на Западен Балкан што досега ја спроведува вакцинацијата (од 24 декември минатата година), добивајќи испорака на вакцини од „Фајзер“/„Бионтек“ и на руската вакцина „спутник 5“. Но се проценува дека Србија нема доволно дози за да почне со масовна вакцинација, бидејќи досега се снабди со 25 илјади дози на „Фајзер“ и 2.400 дози на руската вакцина. Од друга страна, сѐ почесто се јавуваат критики и за одвивањето на процесот на вакцинација во ЕУ, за кој многумина сметаат дека се спроведува бавно и со доцнење. Засега Данска има речиси двајца вакцинирани на секои 100 жители во просек, според последните податоци што ги објави „Политико“, додека зад неа се Велика Британија, Италија, Словенија и Литванија.
Регионот не ѝ верува на Европа дека е привилегиран партнер
Водечките функционери на ЕУ преку нивните изјави навидум се обидуваат да го утешат Балканот, свесни за незадоволството кога станува збор за распределбата на вакцините. Но се чини дека луѓето од Балканот, чии очекувања досега повеќепати беа изневерени од ЕУ, не веруваат во пораките од Унијата.
– Во текот на пандемијата, ЕУ покажа дека го третира Западен Балкан како привилегиран партнер – кажа европскиот комесар за проширување Оливер Вархеи, додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, порача дека ЕУ ќе има повеќе од доволно вакцини годинава и оти ќе го подели вишокот резерви со државите на Западен Балкан и во Африка. Европската комисија неодамна постигна согласност за одобрување на пакет од 70 милиони евра за помош на балканските држави да добијат пристап до вакцини, покрај 500-те милиони евра со кои ЕУ придонесе за програмата „Ковакс“.
Но Балканот, поучен од досегашното искуство со ЕУ, бара конкретни дела, а не само ветувања. Такво мислење има и албанскиот аналитичар Скендер Минџози.
– Или покажете ни дека се грижите за нас, или немојте да бидете изненадени ако некои од нас го следат повикот на Русија или Кина, кои парадираат низ светот со џебови полни со вакцини – категоричен е Минџози.
Очигледното отсуство на солидарност од страна на Западот во пандемијата е искористено од евроскептичните политичари. Тие, според „Асошиејтед прес“, ја претставуваат ЕУ како „исклучиво ориентирана кон профитот“, додека за Русија и Кина „Асошиејтед прес“ истакнува дека тие „се обидуваат да стекнат политичко и економско влијание“.
Случајот со распределбата на вакцините, односно реакцијата на Унијата, понуди вредна лекција за Македонија и за регионот, кои со извлекувањето поуки треба да се сконцентрираат на спроведувањето на реформите и на достигнувањето на европските стандарди, што ќе оди во прилог на остварување на долгогодишната амбиција за влез во ЕУ, а истовремено и да не очекуваат голема помош од Унијата, без разлика дали станува збор за имунизацијата или за решавањето на политичките спорови наметнати од соседите, како што беше и досега.