Група независни експерти кои беа ангажирани да ја испитаат судбината на исчезнатиот лет на „Малезија Ерлајнс“ МХ370 од 2014 година од Куала Лумпур до Пекинг, соопштија дека не успеале да ја откријат причината за несреќата.
– Тимот не ја утврди вистинската причина за исчезнувањето на летот МХ370 – изјави првиот човек на групата Кок Су Чон.
Се потврдија првичните информации дека авионот ја променил насоката на движење и седум часа возел во новата насока, по што се губи секаков контакт со него.
Не е исклучена можноста да имало надворешен фактор кој влијаел во исчезнувањето на авионот, но не е утврдено каков.
Групата проценува дека најверојатната локација на уривањето на леталото со 239 патници и членови на екипажот е некаде над јужниот дел на Индискиот Океан.
Малезиските власти информираат дека ова не е крај на истрагата за исчезнувањето на авионот.