Гери Марсден, пејачот на британскиот бенд „Гери и пејсмејкерс“ чија песна „You’ll Never Walk Alone“ („Никогаш нема да чекориш сам“) стана химна на фудбалскиот клуб Ливерпул, почина на 78-годишна возраст. Неговото семејство соопшти дека тој починал во неделата по кратко боледување.
Песната „You’ll never walk alone“ најмногу ја прославија навивачите на фудбалскиот клуб Ливерпул, кои ја сметаат како нивна химна. Оваа песна секогаш се слуша на стадионот „Eнфилд“ пред почетокот на натпреварите.
Немав претстава, ниту помислував дека таа песна ќе стане толку популарна и оти еден ден ќе стане химна на навивачите на Ливерпул и ќе се пее на трибините на стадионот „Енфилд“, изјави во една пригода Гери Марсден, пејачот на групата „Пејсмејкерс“, за хитот од 60-тите години на минатиот век, „You’ll Never Walk Alone“.
Со децении пред секој фудбалски меч дома на Ливерпул од звучниците се слуша гласот на Марсден, придружуван од десетици илјади навивачи на „црвените“, а песната стана заштитен знак на клубот. Подоцна песната како своја химна ја прифатија и навивачи на други клубови. Песната ја испеале и многу врвни музички имиња, како Френк Синатра, Елвис Присли, Рој Орбисон, Џони Кеш, Арета Френклин, Пинк Флојд, Квин итн.
Гери со братот Фред и пријателите, во 1959 година ги формира „Пејсмејкерс“, во периодот кога Ливерпул е светска музичка престолнина. Тие работат во исто време и свират во исти клубови со славните „Битлси“, со кои имаат и ист менаџер. Во 1963 година ја преработија песната „You’ll Never Walk Alone“, која била дел од мјузиклот „Карусел“ во 1945-та. Преработката била меѓу првите 10 на топ-листата пред натпреварот со ВБА, на 19 октомври 1963 година. Претпоставката е дека тогаш навивачите на „Енфилд“ првпат ја пееле песната, која потоа четири недели била број 1 и 10 недели меѓу првите 10.
Но и откако ја снемало од хит-листата, навивачите продолжиле да ја пеат пред натпреварите, во 1965 година ја пееле на стадионот „Вембли“, на финалето од ФА-купот, кога ТВ-коментаторот Кенет Волстенхолм тоа го опишал како „звуци со потпис на Ливерпул“. Сѐ натаму е историја, во која неизоставен дел се „You’ll Never Walk Alone“, Ливерпул, Марсден и „Пејсмејкерс“. Фудбалскиот клуб Ливерпул на социјалните мрежи објави дека зборовите на Марсден „ќе живеат засекогаш со нас“.
Сер Пол Макартни ги опиша „Гери и пејсмејкерс“ како „најголемите ривали на Битлси“. „Секогаш ќе те паметам со насмевка“, напишал Сер Пол во својата порака до семејството на Марсден. Сер Ринго Стар од Битлси, исто така напишал „мир и љубов“ на Твитер, упатувајќи сочувство до семејството на Марсден.