Новиот албум на Влатко Стефановски беше претставен во „Литература.мк суперстор“. Станува збор за весело и романтично музичко издание со девет нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои дадоа својот придонес и печат на албумот.
– Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки што се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња – изјави гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“.
Откако го смислил насловот, за Стефановски веќе немало сопки и паузи во создавањето на албумот.
– Тафталиџе како населба е фанк-населба и секаде околу мене имаше некој од мојата генерација што страсно собираше плочи и тој фанк или лајт џез преовладуваше. Во Тафталиџе во шеесеттите и во седумдесеттите години живееше една убава средна класа и тој лајт џез и фанк едноставно ѝ прилегаа на населбата – изјави Стефановски.
Издавач е „Кроација рекордс“, а придружниот вокал е Андријана Јаневска. Наедно, на настанот беше промовиран и спотот за песната „Огледало“, која е дел од овој нов албум.