Алиса Тимошкина за „Економист“ ја открива тајната на „салатата оливие“, или народски попозната како руска салата. Во авторскиот текст насловен „Од Русија со мајонез: Приказната за советската суперсалата“, таа откри дел од историјата и потеклото на познатата салата во која уживаат милиони ширум светот.
– Секогаш пред прославата на Нова година, јас и мајка ми седиме во кујната во нашиот дом во Омск, Сибир, и сецкаме намирници: компири, моркови, кисели краставици, варени јајца и пилешко. Сецкањето е долг и напорен маратон што мене секогаш ме опуштал – вели Тимошкина.
Намирниците се наменети за правење на салатата „оливие“, која важи за крал меѓу руските салати. Станува збор за рецепт исполнет со калории и количества мајонез потребни во суровата, безмилосна руска зима, тврди Тимошкина.
Иако салатата била наменета за буржоазијата во Русија, сепак, станала популарна кај сиромашните, а првпат била направена од страна на Лусиен Оливие, главен готвач на ресторанот „Ермитаж“ во Москва во раните 1860-ти.
Оливие се трудел да ја имитира елеганцијата на француските јадења, но неговите гости постојано ги мешале сите состојки откако салатата им била сервирана, и така, бил создаден рецептот. За жал, оригиналниот рецепт Оливие го понел во неговиот гроб во 1883 година, оставајќи ги готвачите да погодуваат кои се вистинските состојки и начинот на подготовка.
Подоцна, во 1930-тите, чиракот на Оливие ја понудил неговата нова, поедноставена верзија на руската салата. Наместо компири, круши и тајни состојки, оваа модерна верзија била составена од салама, краставици и моркови. Наместо тајниот, непознат сос, била направена со големо количество мајонез.
Владата потоа ја промовирала „обновената“ верзија на салатата, заедно со другите рецепти базирани на мајонез, во „Книга за вкусна и здрава храна“ издадена во 1939 година. Така започнала и долгата и нераскинлива љубов меѓу Русите и мајонезот, која сè уште опстојува и денес.
За жал, побарувачката на мајонез ја надминала понудата и во поголемиот дел од 1950-тите и 1960-тите години, советскиот мајонез можел да се набави само во ресторани или продавници за храна во поголемите градови. Но, кога мајонезот станал подостапен во 70-тите години од минатиот век, домаќинствата низ целата земја сериозно се зафаќале со подготовката на руска салата. Доколку најдете мајонез во август, купените две тегли, кои тогаш биле дозволувани по семејство, траеле до Нова година.
– Секое семејство си има своја верзија на руската салата. Некои ставаат пилешко наместо класичната салама, или јаболка наместо моркови. Без оглед на состојките, салатата секогаш се прави во огромни количества. Во нашето семејство се сервира во кристален сад наполнет до врв – вели Тимошкина.
Денес, руската салата е позната и популарна во сите словенски земји, но и во светот. Таа е совршен придружник за прославите, но исто така погодна и за мамурлакот кој доаѓа наредното утро, а салатата се консумира со денови бидејќи се прави во обемни количества.
– Тоа што ја прави салатата посебна се чувствата кои ги предизвикува: сеќавањата за далечното семејство, спомените од минатото во кое народот се борел со глад, но и возбуда, радост и надеж дека наредната година ќе биде побогата и побериќетна – вели Тимошкина.