Очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а резервите на готовите производи се зголемени. Се очекува бројот на вработените да се намали, а просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во ноември 2020 година изнесува 68,5 проценти од нормалното искористување, наведува Државниот завод за статистика
Компаниите го намалуваат производството поради раст на резервите, намалената побарувачка и поради неизвесноста што и понатаму е присутна поради здравствено-економската криза што ја наметна пандемијата на ковид-19. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека деловните субјекти ја оценуваат економската состојба во ноември како понеповолна во споредба со истиот месец минатата година, а инволвираните истакнуваат дека застој и загуби се чувствуваат во сите сектори, некаде повеќе некаде помалку, поради што се намалува и производството.
– Според оцената на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември 2020 година е намален за 0,3 процентни поени во однос на октомври 2020 година, а во однос на ноември 2019 година е намален за 8,6 процентни поени. Очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а резервите на готовите производи се зголемени.
Се очекува бројот на вработените да се намали. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во ноември 2020 година изнесува 68,5 проценти од нормалното искористување – се наведува во извештајот на Државниот завод за статистика.
Недоволна побарувачка од странство
Притоа е посочено дека најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 20,3 отсто, неизвесното економско опкружување со 18,1 проценти, недостигот од квалификувана работна сила со 15,1 и недоволната домашна побарувачка со 13,6 отсто.
Инволвираните укажуваат дека состојбата предизвикана од ковид-19 се разликува од сектор до сектор, но и од компанија до компанија.
– Речиси не постои сектор што не претрпел некакви загуби предизвикани од ковид-19, но и тие некаде се помали, а некаде поголеми. Се разбира дека некои последици од пандемијата ќе се чувствуваат со задоцнување од неколку месеци. Ова затоа што очекувањата најпрвин беа дека кризата ќе заврши до август, па потоа до крајот на годината, а денес сме свесни дека таа ќе трае и до средината, а некаде и до крајот на идната година.
Затоа економските оператори најпрвин произведуваа за резерва, но откако резервата се зголеми и неизвесноста продолжи, нормално е да дојде до намалување на производството и бројот на работниците – посочува Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија (ОРМ).
Димитров истакна дека во одредени сезонски дејности, поради пропадната сезоната пролет-лето 2020, поради целосното затварање на малопродажбата, производството за идната сезона пролет-лето 2021 година, кое се произведува од октомври 2020 до март 2021, има големо намалување. Дополнува дека во одредени сектори намалувањата не се резултат на сезонска потрошувачка, туку поради намалување на продажбата од новите рестриктивни мерки, како и малиот интерес на купувачите, или општиот пад на побарувачката.
Трендот ќе потрае?
– Покрај „директниот“ удар на угостителството и туризмот, намалување претрпе и преработувачката индустрија, која произведува производи за широка потрошувачка, автомобилската индустрија, текстилната индустрија и слично. Сметам дека овој тренд ќе потрае до целосното искоренување на вирусот. Анализирајќи ги нашите мерки за помош на стопанството, особено финансиската помош за исплата на платите, се случуваат интересни феномени. Бидејќи критериумите за добивање помош, покрај со падот на приходите, се поврзани и со задржување на бројот на вработени, дури и на оние со договори на определено работно време, компаниите се принудени да ги задржуваат сите вработени, и оние за кои повеќе немаат потреба и оние на кои сметаат за идниот период. Во хотелиерството поради вработени работници на два-три месеци во летната сезона не можеа да добијат финансиска помош за октомври. Нивната економска логика ги натера да ги вратат овие вработени за да добијат помош за ноември иако бизнисите им се речиси затворени и 90 проценти од вработените седат дома. Дури се случува некои компании свесно да се откажуваат од нарачки за да им падне приходот за 30 отсто и да ја добијат помошта што ќе ги покрие нето-платите за 100 проценти од вработените – истакна Димитров од ОРМ.
Компаниите се откажуваат од нарачки бидејќи помошта што ја добиваат е значителна
Наедно, првиот човек на ОРМ посочува дека компаниите се откажуваат од нарачки бидејќи помошта што ја добиваат е значителна за компаниите и истакнува дека од друга страна има голем број компании што пак имаат помал пад на приходите од 30 отсто, но истовремено имаат зголемени трошоци во работењето и не можат да добијат помош.
– Дел од оваа „неправда“ ќе се отстрани по годишната пресметка за 2020 година и оние што ќе покажат добивка од работењето ќе мораат да вратат 50 проценти од искористената помош.
Најголемо прашање е дали по завршување на обврска за задржување на бројот на вработени, а тоа е до февруари 2021 година, овие компании ќе отпуштат дел од овие вработени, кои ги држат во работен однос само за да добијат финансиска помош. Секако, ова ќе зависи и од моменталната состојба од март 2021 година и понатаму – истакнува Димитров.