По потрагата низ светот, конечно е избрана актерка што ќе ја отелотвори пејачката Витни Хјустон во биографскиот филм „Сакам да танцувам со некого“. Станува збор за британската актерка Наоми Аки.
Таа стана позната по улогата во филмот „Војна на ѕвездите: подемот на Скајвокер“. Режисер на филмот е Стела Меги, а според сценарио напишано од Ентони Мекартен, кој исто така го напиша сценариото за „Боемска рапсодија“, биографскиот филм за групата „Квин“.
– Поголемиот дел од минатата година го поминавме во потрага по актерка што ќе ја отелотвори Витни Хјустон. Наоми Аки нѐ воодушеви во секој дел од процесот. Ме трогна нејзината способност да ја истакне појавата на сцената на оваа светска икона, истовремено внесувајќи хуманост во нејзиниот приватен живот – изјави режисерката Стела Меги.

Витни Хјустон е добитничка на шест награди „греми“ за време на нејзината кариера, продавајќи повеќе од 200 милиони плочи низ светот. Таа се обиде и како актерка во 1992 година, во хит-филмот „Телохранител“, за кој отпеа шест песни, вклучувајќи го и големиот хит „I Will Always Love You“. Таа почина во 2012 година, на 48-годишна возраст.
Пат Хјустон, поранешната менаџерка на Витни Хјустон, ќе биде една од продуцентите на филмот. Со тоа се потврди дека филмот ќе користи оригинални песни отпеани од Витни.
Музичкиот продуцент Клајв Дејвис, кој исто така ќе биде еден од продуцентите на филмот, рече дека се наежил кога ги видел тест-снимките со Наоми Аки, но бидејќи гласот на Витни Хјустон бил единствен, нејзиниот глас ќе се користи во сцените за пеење во филмот, а не гласот на Наоми.
Филмот „Сакам да танцувам со некого“ треба да се појави во кината во ноември 2022 година.