Кинескиот телекомуникациски гигант „Хуавеј“ ќе гради фабрика на истокот на Франција за производство на опрема, пред сѐ, поврзана со 5Г-технологијата, што ќе биде прва нејзина ваква фабрика надвор од Кина, соопшти денеска компанијата.
Во фабриката ќе бидат инвестирани најмалку 200 милиони евра и првично ќе бидат вработени 300 лица, а производството ќе биде наменето за целиот европски пазар.
Според „Хуавеј“, фабриката во Брумат, мал град на десетина километри северно од Стразбур, каде што има голема индустриска зона, треба да произведува опрема во вредност од милијарда евра годишно.
– Со оваа фабрика сместена на крстосницата на Европа, ‘Хуавеј’ ќе го збогати веќе силното присуство на континентот, каде што има 23 центри за истражување и развој, повеќе од 100 партнерски универзитети, повеќе од 3.100 доставувачи и успешен синџир на снабдување – соопшти кинеската компанија.