Фото: Маја Јаневска-Илиева

Прекинувањето на ширењето на вирусот додека не дојде до масовна вакцинација на планетата би спречило катастрофални последици, кои веќе ги остава пандемијата

НОВ ЛЕК ШТО САМО ЗА ЕДЕН ДЕН ЦЕЛОСНО ГО БЛОКИРА ПРЕНОСОТ НА ВИРУСОТ НА ДРУГИ ЛИЦА

Истражувачи од Државниот универзитет во Џорџија тврдат дека откриле антивирусен лек што се внесува орално и во рок од 24 часа спречува заболеното лице да го шири ковид-19 на здрави луѓе. Станува збор за лекот „МК-4482/ЕИДД-2801“, познат под името „молнупиравир“, кој за еден ден целосно го запира преносот на ковид-19 на друго лице. На чело на тимот бил докторот Ричард Племпер, кој открил и дека лекот е добар во борбата против сезонските вируси.
– Ова е прва демонстрација на лекот, кој екстремно брзо го блокира САРС-КоВ-2 преносот. Ова би можело да биде пресврт – изјавил д-р Племпер.
Прекинувањето на ширењето на вирусот додека не дојде до масовна вакцинација на планетата би спречило катастрофални последици, кои веќе ги остава пандемијата.
– Забележавме дека лекот „молнупиравир“ донесе цел спектар активности против респираторните РНА-вируси, а лекувањето на заразени животни со давање на лекот орално драматично ја намалува трансмисијата на вирусот – вели д-р Племпер.
Микробиологот проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет вели дека овој лек би можел да помогне во третманот на ковид-19, но, сепак, нагласува дека испитувањата се во рана фаза.

– Овој лек засега е испитуван на животни, а очекувањата се дека и кај човекот ќе даде резултат. Мали се студиите што се направени на луѓе. Многу е битно дали овој нов лек ќе биде за масовна употреба, бидејќи би требало да е за таква употреба, а не за тешки случаи. Антивирусните лекови како овој се даваат на почетокот на заразата и затоа тие мора да се безбедни. Овој лек би бил одличен, но треба да се направат повеќе студии на луѓе. За да се спречи ширењето на вирусот, употребата треба да е масовна и лекот да е евтин. Во спротивно, ќе се спасат оние само што имаат пари – вели проф. Пановски.
Според него, фокусот периодов е повеќе на „ивермектинот“.
– Чекаме дали ќе има реакции од надлежните за овој лек, но некако, не само кај нас, туку западниот свет како да бега од евтини лекови и тоа е многу чудно. Еве, ако ги погледнеме бројките во Африка, но и во Кина, Бангладеш, Индија, таму ковид-бројките се многу пониски, а и цените на лековите се многу пониски. А овде се набавуваат лекови по 3.000 евра од човек, кои на крајот излегува дека не се доволно ефикасни. „Ивермектинот“, кој таму се употребува во протоколите, е антипаразитски и е евтин лек – додава Пановски.

„Молнупиравир“, лекот што е во рана фаза на испитување, во основа е инхибитор на РНК во клетките и не дозволува да прави копии на вирусот. И другите лекови прават нешто слично, но за научниците е интересно да се види како овој лек ја блокира трансмисијата.
Има неколку лека на светско ниво што се разгледуваат и се испитуваат во моментов. Неколку од нив се на приоритетна листа, како што е случајот со лекот „умифеновир“, кој се користи главно за третман на грип и има голем потенцијал да се користи како лек против ковид-19. Во моментов е подложен на клинички испитувања.


„Многу е битно дали овој нов лек ќе биде за масовна употреба, бидејќи тој се користи во рана фаза, а не за тешки случаи. Антивирусните лекови како овој се даваат на почетокот на заразата и затоа тие мора да се безбедни. Овој лек би бил одличен, но потребно е да се направат повеќе студии на луѓе. За да се спречи ширењето на вирусот, употребата треба да е масовна и лекот да е евтин. Во спротивно, ќе се спасат оние само што имаат пари“

Проф. д-р Никола Пановски