Велика Британија планира да плаќа отштета во висина до 133.000 евра на лицата кои ќе имаат нуспојави од вакцината против ковид-19 и се здобиле со сериозни здраствени последици, според постоечка програма, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Оваа информација ја соопшти британската влада откако вакцината на „Фајзер“ и „Боинтек“ била доставена во Велика Британија. Британија е прва држава која по итна постапка ја одобри употребата на оваа вакцина.
Министерството за здравство соопшти дека вакцината против ковид-19 ќе биде додадена на списокот со болести во постоечката „Шема за исплата за штета од вакцини“, стои во соопштението на британскиот Оддел за здравство и социјална заштита. Во истото соопштение се додава и дека тоа ќе биде мерка за претпазливост, и покрај тоа што вакцините ќе се даваат само по строги проверки.
Според оваа шема, поединците имаат право на паушал до 133.000 евра, доколку докажат дека имаат нуспојави од кои се здобиле сосериозни здраствени последици како резултат на вакцинација.
За отштета од евентуални штетни ефекти односно нуспојави на вакцината против коронавирусот долго се расправаше претходните месеци, со оглед на тоа дека производителите на лекови и владите забрзано работат на нејзин развој. Британија соопшти дека ќе продолжи да ја надгледува сигурноста на вакцината на „Фајзер“ и „ Бионтек “.