Во 2017 година во светот се убиени 207 екологисти, што е најцрна година за екоактивистите, соопшти меѓународната невладина организација „Глоубал витнес“.
Жртвите се од 22 држави, од кои 60 проценти се од Јужна Америка. Во Бразил минатата година убиени се 57 екоактивисти, во Колумбија – 24, во Мексико – 15, во Перу – осум и во Никарагва убиени се четворица екоактивисти.
Во Африка убиени се 19 еколози, додека во Филипини убиени се 48 екоактивисти.
Според „Глоубал витнес“ најмалку 46 од жртвите се поврзани со агробизнисот, 40 со спорни проекти за отворање на рудници, 26 лица поради сечење на шумите, а 23 екоактивисти, првенствено во Африка се убиени при обид да ги заштитат животните од ловокрадци.
Невладината организација наведува дека покрај убиствата, екоактивистите често добиваат смртни закани, се апсат, мета се на кибер напади, сексуално злоставување, судски процеси и исчезнување без трага.